Table of Contents
Дипломата е важна пресвртница, но вистинската приказна започнува потоа. Првото вработување, првите големи професионални одлуки, соочувањето со предизвиците и храброста да се преземе одговорност се моментите во кои образованието добива вистинска вредност. А кога на знаењето ќе му се придружат амбицијата, истрајноста и можноста за напредување, се отвора патот кон лидерството.
Токму оваа тема беше во фокусот на панел-дискусијата на Профемина, „Од диплома до лидерство!“, која ги обедини академската перспектива, институционалното искуство и личните професионални приказни.
Во центарот на разговорот беа младите и нивната иднина, квалитетот на образованието, компетенциите што ги бара современиот пазар на трудот и можностите жените да заземаат сè поважни позиции во бизнисот, институциите и општеството.
Дипломата е почеток. Што следува потоа?
Денес, младите се соочуваат со пазар на трудот што брзо се менува, нови професии, сè поголеми барања за практични вештини и потреба од постојано усовршување. Затоа, квалитетното образование не е само пат до диплома, туку основа за развивање компетенции, самостојност и способност за приспособување на новите околности.
Според Европската фондација за обука, Северна Македонија и понатаму се соочува со предизвици поврзани со усогласувањето на вештините со потребите на пазарот на трудот, младинското вработување и поврзувањето на образованието со практичното искуство. Овие прашања го прават уште поважен разговорот за тоа како младите полесно да го направат преминот од образовниот систем кон професионалниот свет.
Но професионалниот успех не се мери само со стекнатото знаење. Подеднакво важни се способноста да се препознае сопствениот потенцијал, да се преземе иницијатива, да се учи од грешките и да се истрае и кога патот не е едноставен.
Женското лидерство не е само прашање на можност, туку и на еднаква шанса
Иако образованието отвора многу врати, патот до највисоките професионални позиции сè уште не е еднакво достапен за сите. Извештајот за глобалниот родов јаз за 2025 година на Светскиот економски форум укажува на значителен јаз меѓу образовните достигнувања на жените и нивната застапеност на највисоките раководни позиции. Жените се сè пообразовани, но тоа не се претвора автоматски во еднакво учество во лидерството.
Затоа, разговорот за женското лидерство мора да оди подалеку од мотивациските пораки. Потребни се пристап до квалитетно образование, можности за професионален развој, поддршка, менторство и институционални услови во кои талентот и резултатите ќе бидат препознаени.
Како да се изгради самодоверба во средина што поставува високи очекувања? Како амбицијата да се претвори во конкретен професионален план? И како младите жени да стигнат од првата работна позиција до местата на кои се носат важни одлуки?
Ова се прашања што заслужуваат отворена дискусија, конкретни искуства и одговори што ќе инспирираат, но и ќе понудат насоки за дејствување.
Четири перспективи, една заедничка цел
Панелот го модерираше м-р Билјана Трендафилова, која го водеше разговорот низ четири важни перспективи – образованието и неговата општествена одговорност, европските вредности и можности, личниот пат до извонредноста и искуството на младите што штотуку го започнуваат професионалниот живот.
Нејзини соговорници беа:
Проф. д-р Јана Илиева, генерален секретар на УТМС, проф. д-р Викторија Трајков, заменик-министер за европски прашања, доц. д-р Ангела Миленковска Климоска, Универзитет Скопје и Симона Спирковска, млад дипломец на Универзитет Скопје.
Токму спојот на овие искуства го прави разговорот значаен: од визијата на образовните институции и можностите што ги отвораат европските процеси до реалните дилеми на младите кои сакаат да го најдат своето место и да остават личен професионален печат.
Дваесет години искуство, поглед кон иднината
Јубилеите не се само можност да се погледне наназад и да се сумира постигнатото. Тие се и момент да се постават нови цели, да се преиспитаат приоритетите и да се отвори простор за следната генерација.
Во свет во кој знаењето брзо се надградува, а професионалните патеки сè поретко се одвиваат според однапред утврдена шема, на младите им се потребни повеќе од диплома и добра почетна позиција. Потребни им се можности да учат, да се докажуваат, да преземаат одговорност и да напредуваат без нивниот потенцијал да биде ограничен од стереотипи или недостиг од поддршка.
Најважното прашање за еден универзитет не е само колку дипломи издал, туку колку студенти испратил во светот. Ако треба да издвојам една вредност, која би сакала да остане со нашите студенти е да размислуваат со своја глава. За неколку секудни денес можеме да добиеме одговор, вистинското прашање и вредност е да се знае дали тој одговор е точен, потполн, што да направиме со него, универзитетот денес треба да создава начин на размислување, да генерира кадри кои ќе ги бранат своите позиции и ќе демонстрираат интелектуална зрелост“, истакна проф. д-р Јана Илиева
Од студент до професор, ја имав таа привилегија да го добијам индексот 001. Се развивав како студент, дипломирав, магистрирав, докторирав и денес сум професор по маркетинг на Универзитет Скопје. Морам да се пофалам дека токму оваа генерација денес ме прогласи за најдобар професор“, откри доц. д-р Ангела Миленковска Климоска.
Во моментов женската енергија ја води европската унија. Правилно се носат одлуки, но кога станува збор што би им препорачала на студентите како да ги искористат своите пет минути, дипломата е добар темел за просперитет, но најважни се компетенциите што ги имаат благодарение на стекнатото знаење. Свесна, смела и своја – токму таква треба да биде секоја од нас – во овој машки свет, и ние жените треба да покажеме храброст“, истакна проф. д-р Викторија Трајков
Што по дипломирањето – образованието ни дава добра основа и ни отвора многу врати, а од нас зависи како ќе ги искористиме. Јас се трудев тоа што го учам да го применам во практиката. Јас завршив маркетинг, за мене дипломирањето не е крај, туку почеток на нови цели, ново поглавје, со труд и амбиција можеме сами да имаме можности за подобар успех“, истакна Симона Спирковска.
Затоа, пораката на панелот „Од диплома до лидерство!“ е јасна: образованието ја поставува основата, амбицијата го придвижува личниот развој, но вистинскиот напредок доаѓа кога знаењето ќе добие можност да се претвори во резултати.
Врската меѓу високообразовните институции и стопанството е неопходна, бидејќи пазарот на трудот денес се менува побрзо од секоја наставна програма, која според Законот, сме задолжени да ја менуваме на 5 години. Ако еден универзитет не одржува постојан контакт со институциите, ризикува да произведе кадри за пазар кој се променил додека тие да завшат. Значи, на студентите треба да им се дава можност да работат на реални проблеми, да почувствуваат како изгледа реална работна атмосфера. Подобро е да се судрат со релноста додека професорот е покрај нив отколку утре на работното место“, посочи Илиева.
Зашто иднината не им припаѓа само на оние што имаат диплома, туку и на оние што се подготвени да продолжат да учат, да преземаат иницијатива и да ги претвораат можностите во конкретни промени.
Дипломата е добра основа за насочување, но важнисе продолжувањето на образованието и усовршувањето – магистрирање, докторирање, бидејќи научно-истражувачката работа е темел на добрата држава“, истакна Трајков.
А кога младите жени ќе добијат простор да го покажат својот потенцијал, нивниот успех не е само лична победа – туку придонес кон поуспешни институции, посилна економија и порамноправно општество.
Универзитет Скопје има советодавни одбори на сите пет фактултети што ги имаме, по завршување на студиите, студентите имаат врата на која ќе тропнат, а доволно се „набилдани“ со знаење да ги зграпчи и пазарот на трудот, откри Ангела.
Текст: Убавина и здравје