Table of Contents
Зад телевизиската насмевка, харизмата и духовитоста се крие жена со свои борби, пресврти, љубови и лекции што животот не ги учи преку ноќ. По повод јубилејното, десетто издание на ПРОФЕМИНА, Лила Филиповска проговори на теми што ретко добиваат простор пред камерите – од најтешките животни моменти и личното искуство со ракот на дојка до љубовта, зрелоста и храброста да се биде свој
Ја препознаваме по нејзината енергија, шарм, духовитост и долгогодишното присуство на телевизиската сцена. Лила Филиповска е една од најпрепознатливите медиумски личности кај нас, жена чиј професионален пат и приватен живот со години го привлекуваат вниманието на јавноста. Но колку навистина ја познаваме жената зад препознатливото лице? Колку од нејзината приказна останува надвор од телевизискиот екран, далеку од рефлекторите и љубопитните погледи?
На јубилејното, десетто издание на ПРОФЕМИНА, Лила Филиповска беше дел од посебен разговор со наслов „Нешто што не сум го кажала“., а разговорот го водеше Јована Стојменовиќ, главна и одговорна уредничка на списанието „Убавина и здравје“.
Разговорот започна со омилената песна на Лила. Show Must Go On на Queen одекна во салата на Холидеј Ин, додека Лила Филиповска се качуваше на сцената.
„Шоуто мора да продолжи. Ова засекогаш ќе биде мојата песна.“, кажа Лила, а Јована се надоврза:
„Октомври е месец за борба против канцерот на дојка, па многу сме и благодарни на нашата соговорничка и моја драга пријателка, која ја познавам веќе 20 години, што се согласи да зборува на оваа тема и да придонесе за подигнување на свеста за овој здравствен предизвик.“
Разговорот продолжи со уште една омилена песна на Лила The Winner Takes It All од ABBA. Јована потсети дека Лила е родена во Шведска, па ја праша дали некогаш се прашува што ќе се случеше ако останела таму.
„Сигурно и таму ќе го работев ова. Верувам дека сум создадена за оваа работа, бидејќи навистина ја сакам. Прво, сакав да се запишам на Медицински факултет од каде што ме одбија, но тоа не ме скрши, туку веднаш се пренасочив на мојата втора љубов – македонски јазик и книжевност“, одговори Лила без размислување.
Кога станува збор за тоа какви се Швеѓаните како луѓе, Лила вели дека секој си ја гледа својата работа:
„И гол да прошета некој, нема да му обрнат внимание, само ќе си продолжат понатаму.“
„Ако сакаш сите да те сакаат, оди продавај сладолед“
Лила сподели дека притисокот што го создава популарноста го прифатила како дел од работата.
„Јас немам други таленти освен водителството. Сметам дека секој треба да се фокусира на едно нешто во коешто е добар и да се развива во таа насока, за да биде најдобар.“
Лила сподели и една голема вистина:
„Јас сум најдотерана во маркет. Ние сме одбрале да бидеме јавни личности и секој има право на свое мислење. Јас се трудам секогаш да бидам дотерана и насмеана. Ако сум нерасположена, не излегувам од дома, затоа што не сакам да ширам негативна енергија. Јас не глумам. На телевизија сум генерално истата како и во јавност и тоа ми го олеснува патот, затоа што не морам да се преправам нешто што не сум.“
Како карактеристика што е важна за да се биде успешен во која било професија, ја издвојува дисциплината.
Поврзани објави
„Канцерот не одеше со мојот карактер“
Разговорот стана поемотивен кога Лила сподели како реагирала на веста дека боледува од канцер.
„Никогаш не се доживував како личност која може да разболи од канцер, но прифатив дека јас сум го дозволила тоа. Си реков, е како си го дозволила, така и ќе го испратиш. Морам да посочам дека тоа не е битка со канцер, туку битка со црните мисли. Благодарна сум што медицината е доволно напредната за зборот канцер да не се асоцира веднаш со смрт. Живеам за моментот кога канцерот ќе стане акутна болест која се лечи за неколку месеци.“
„Докажано е дека причината за секоја болест е некоја емоција. Ние сме тие што дозволуваме таа емоција да влијае врз нашиот организам и да ни го намали имунитет. Бев лута на себе затоа што не успеав да се изборам со тагата по смртта на мојот татко. Бев под голем стрес и веднаш потоа се случи тоа што се случи. Никој не ми е виновен. Многу ми беше важно да се смирам сама со себе и да го поправам тоа што го направив.“
Како успеала да ја скрие болеста?
„Секој си одбира човек за различни работи. Како што е важно да одбереш со кого ќе одиш на патување, за да не ти го уништи одморот, така е важно да одбереш човек и за постресните моменти во животот. Јас ја одбрав Јована да биде со мене кога ми ја соопштија дијагнозата, поради нејзината икслучителна смиреност. Не треба да се крие болеста. Канцерот не треба да се стигматизира. Треба да се споделува со секого, бидејќи не знаеш кој ќе ти се најде.
Слушам има жени кои кријат дека се болни од сопствените сопрузи, од страв да не ги остават. Па, нели сме заедно и во добро и во зло? Што ќе ти е ако те остави токму тогаш кога ти треба најголема поддршка?!“
„Немам ни симпатија“
Разговорот продолжи во поведра насока, па Лила и Јована ја прокоментираа љубовта.
„Убаво е човек да биде вљубен, но навистина во моментов немам ни симпатија. Но јас многу ги сакам луѓето и бескрајно ги сакам тие што сум ги одбрала да бидат мои пријатели. Прочитав една мисла: Да очекуваш некој да те сака како што го сакаш, е исто како да влезеш во кафез со лавови и да очекуваш дека нема да те изедат, затоа што ти не јадеш лавови. Не мора да има реципроцитет во се’.“
Многу е лесно да се сака Лила, но верувам дека на партнерите најтешко им е да се справат со твојата популарност, се надоврза Јована.
Каква терапија пие Лила?
Лила откри дека единствено што пие е витамин Д наутро, витамин Ц на пладне и магнезиум навечер. Призна дека дијазепам не пиела дури ни во најстресните моменти.
Нешто што не го кажала досега…
„На почетокот бев исплашена од храната, во смисла на тоа дека само со здрава храна можам да се излекувам. Дури и бев на праг на анорексија. По првата хемотерапија ми беше премногу лошо. Докторката ме предупреди дека морам да почнам да се хранам нормално. Но мојот онколог вели дека канцерот на дојка не е директно поврзан со исхраната. Храната не ни е непријател.“
Лила сподели и анегдота од една од нејзините редовни прошетки на Водно, кога се обидела да погали питбул.
„Многу сакам кучиња и мачиња, па така тргнав да погалам еден питбул што не ме познаваше. Не го обвинувам кучето, тоа инстинктивно ме нападна бидејќи не ме познаваше. Ме фати директно за уста, во тој момент ми падна и периката и сите почнаа да паничат. Целата внатрешна уста ми беше надвор. На целата мака, кај без дојка, ќелава, па и без уста. За среќа, брзо го средив тоа и еве ме жива и здрава.“
Уште еден ексклузивитет што го откри Лила е тоа што направила реконструкција на градата.
„Искажувајте ги своите емоции. Плачете, ќе ви биде полесно. Бидете позитивни и во најцрните денови. Животот е убав и шоуто мора да продолжи“, порача Лила за крај по што публиката ја поздрави со громогласен аплауз, а Show Must Go On повторно одекна во салата.