Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) беше домаќин на четвртиот состанок на Управувачкиот комитет на проектот VIOLET, кој го кофинансира Европската унија. Состанокот се одржа на 20 и 21 октомври во Скопје. Комитетот е телото што ги носи клучните одлуки во проектот. Партнерите ги разгледаа досегашните резултати и се договорија за следните чекори. Партнери во проектот се: Словачкиот национален центар за човекови права и Универзитетот Коменски во Братислава (Словачка), Канцеларијата на јавниот бранител на правата (Чешка), Канцеларијата на правобранителот за еднакви можности (Литванија), Комисијата за еднаквост во трудот и вработувањето и Португалската платформа за правата на жените (Португалија), Комесарот за заштита од дискриминација и организацијата „Заедно за живот“ (Албанија), КСЗД (Северна Македонија) и Европската мрежа на тела за еднаквост (Equinet).
Проценки на мерките против сексуалното вознемирување ќе спроведат сите партнери во своите земји. Во Северна Македонија, КСЗД ќе ги спроведе во 15 основни и средни училишта, според новиот прирачник „Проценка на мерките против сексуално вознемирување на работното место“, кој им овозможува на работодавачите да проверат дали нивните мерки делуваат во пракса, а не само на хартија.
„Правилник во фиока не штити никого. Затоа им даваме на работодавачите алатка со која ќе проверат дали нивните мерки навистина делуваат“, изјави претседателот на КСЗД, Душан Томшиќ. „Ако доживувате сексуално вознемирување на работа или сте сведок на тоа, пријавете го до КСЗД. Не мора да бидете сигурни дали е ’доволно сериозно‘ – тоа е наша работа.“ Прирачникот е наменет за секој работодавач, јавен или приватен, и е достапен на овој линк. Во подготовка е и втората национална кампања на КСЗД, посветена на тоа што можат да преземат лицата што доживуваат сексуално вознемирување или се сведоци на него.
Партнерите се договорија и за меѓународна конференција во Лисабон во 2027 година, на која истражувачи и практичари од Европа ќе разговараат за тоа како наодите од истражувањата да прераснат во подобри закони, политики и механизми за пријавување.
Во наредниот период, во пет земји-партнери ќе започне и анализа на тоа како функционираат јавните институции надлежни за спречување и заштита од сексуално вознемирување на работното место и како соработуваат меѓусебно.
Во Северна Македонија се очекува анализата да ги опфати Народниот правобранител, КСЗД, Државниот инспекторат за труд и други надлежни органи, како и правната рамка врз која тие ги остваруваат своите надлежности. Врз основа на наодите ќе се изготви документ за јавни политики со предлози за поефикасна заштита, кој ќе биде промовиран и предложен за спроведување.
Состанокот се одржа во момент кога податоците јасно покажуваат колку се потребни ваквите мерки. Истражувањето што КСЗД го спроведе меѓу 1.057 вработени во 26 основни и средни училишта покажа дека 5,5 % од нив доживеале навредливи сексуални шеги и коментари, 2,9 % несакан допир, а 1,7 % сексуален напад или сексуален однос без согласност. Во исто време, КСЗД за четири години добила само две претставки за сексуално вознемирување во образованието. Северна Македонија е една од трите земји во проектот што ги ратификуваа и Истанбулската конвенција и Конвенцијата бр. 190 на Меѓународната организација на трудот. Сексуалното вознемирување е кривично дело, а постои и посебен закон за заштита од вознемирување на работното место. Законите постојат, но пријавите изостануваат.
Целосните наоди ќе се објават во Националниот извештај, кој е дел од транснационалниот извештај на проектот, а врз нив ќе се темелат и двете национални кампањи на КСЗД.
Секој што доживеал сексуално вознемирување на работното место или бил сведок на тоа може да поднесе претставка до КСЗД преку www.kszd.mk или на [email protected]. Постапката е бесплатна.
VIOLET е проект што го кофинансира Европската унија, а го спроведуваат национални тела за еднаквост, граѓански организации и универзитет од шест европски земји. КСЗД е еден од партнерите во конзорциумот. Проектот има за цел да придонесе за безбедна работна средина без сексуално вознемирување и насилство преку четири столба: сеопфатен увид во проблемот, безбедно работно место, силни институции и јавна свест. Активностите опфаќаат истражувања, анализа на правната рамка и на судската пракса, пилот-програми за превентивни мерки кај работодавачите, соработка меѓу институциите и национални кампањи за подигнување на свеста.
КСЗД
Фото: КСЗД