Министерството за внатрешни работи бележи подобрување во најновото истражување на Фондацијата „Метаморфозис“ – „Процена на доброто владеење на извршната власт во Северна Македонија и регионот преку Индекс на отвореност 2026“, спроведено според мерењето за 2025 година.
Според објавените резултати, МВР има 75,90% исполнетост на индикаторите за отвореност, што претставува зголемување во однос на претходното мерење, кога резултатот изнесувал 73,3%.
Особено се издвојуваат резултатите во неколку важни области:
100% исполнетост на индикаторите за интегритет – област што ги опфаќа механизмите за етичко однесување, спречување судир на интереси и институционална одговорност.
100% исполнетост на четирите разгледувани индикатори за ефикасност – поврзани со стратегиското планирање, известувањето и следењето на институционалното работење.
75,90% вкупна отвореност – резултат со кој МВР е на второто место меѓу министерствата опфатени со истражувањето.
Дополнително, во областа на транспарентноста МВР има 72,46% исполнетост на индикаторите, што го вбројува меѓу министерствата со повисоки резултати во оваа категорија.
Овие податоци се важен показател за примената на стандардите за отвореност, отчетност и добро управување, но и поттик за натамошно подобрување на достапноста на информациите и комуникацијата со граѓаните.
Овие резултати се потврда за посветеноста на раководството на Министерството за внатрешни работи кон градење поотворена, поотчетна и потранспарентна институција. Борбата против криминалот и корупцијата не подразбира само одлучно постапување на полицијата, туку и одговорно, чесно и транспарентно работење на самото Министерство. Токму затоа продолжуваме со истата посветеност – за институција во која граѓаните ќе имаат доверба, а законите и одговорноста ќе важат подеднакво за сите.
Отвореноста и транспарентноста се секојдневна обврска на институциите кон граѓаните.