Почетна Убавина и здравјеДаница Стојановска ни раскажа за нејзините планинарски авантури на Олимп, Корапски Масив и Пирин! – Убавина и здравје

Даница Стојановска ни раскажа за нејзините планинарски авантури на Олимп, Корапски Масив и Пирин! – Убавина и здравје

од nenad
5 минути читај за

За некои планинарењето е макотрпно и напорно. За неа е можност за нова авантура и бегство од монотонијата. Даница Стојановска (@stojanovskaaa) неуморно освојува нови врвови, а во продолжение ви пренесуваме дел од нејзините највпечатливи планинарски доживувања.

Планинарењето е една од најтешките, но и најблагодатните активности, и за телото и за умот. Те предизвикува да ги поместиш сопствените физички и психички граници и ти нуди ретка можност да побегнеш од современиот хаос и да најдеш подлабок фокус. Даница Стојановска (@stojanovskaaa) е вљубеничка во природата, која многу добро ги има почувствувано придобивките од планинарењето на своја кожа. Секој врв претставува нов предизвик за нејзиниот авантуристички дух, а овој пат, таа ни раскажа нешто повеќе за нејзините планинарски искуства на Корапски Масив, Пирин и Олимп.

Корапски Масив
Корапски Масив – предизвик и за искусните планинари

Рибничка Скала (2305 м) и Кабаш (2391м) се два врва кои се наоѓаат на прекрасниот Корапски Масив. Тоа се два врва што најчесто планинарите ги качуваат заедно бидејќи се поврзани. Ми беа предизвик, бидејќи се едни од најатрактивните меѓу планинарите и алпинистите кај нас, токму поради нивната непристапност и погледот. Тие се едни од поретко искачуваните врвови кај нас. Рибничка скала е врв кој се одликува со голема стрмнина, стрмни јужни и северни падини, стрмни тревни кулоари и карпи кои се до самиот врв, а на запад е поврзан со врвот Кабаш.

Горе на врвот и на самиот пат до таму од сите страни се протега преубава алпска глетка, но самата стрмнина до него го прави доста тежок потфат како во летни така и во зимски услови. Токму затоа, погледот од врвот претставува награда, но само доколку временските услови го дозволат тоа. Искачувањето до таму беше доста напорно. Пред самите врвови треба да се биде многу внимателен, бидејќи теренот е стрмен и нестабилен. Но недопрената природа и чувството на изолираност од светот со спектакуларните погледи наоколу вредат за сиот труд. Оваа тура не ја препорачувам за почетници, потребни се искуство, добра физичка подготвеност и ориентација, бидејќи патеката не е обележана. Тие што, сепак, ќе се одлучат да го прифатат предизвикот, потребно е да носат планинарски чевли со добар ѓон, вода, мапа, батерија и да одат со некој поискусен кој веќе бил.

Пирин – фасцинантни предели и глетки

Тука го искачував врвот Вихрен преку Џамџиев раб, а во истиот ден ги искачив и врвовите Кончето (2810 м), Бански Суходол (2884 м) и Кутело (2908 м). Вихрен преку Џамџиев раб ми беше предизвик поради големиот адреналин и поразличното искуство од класичното планинарење. Патот е многу тежок доколку се искачува преку Џамџиев раб. Гребенот е тесен и стрмен и бара фокус и стабилност. Патеката преку Џамџиев раб не ја препорачувам за почетници, додека од другата страна, врвот е полесно достапен и за почетници.

До врвот Вихрен преку Џамџиев раб

Во рамките на таа авантура, јас и моето друштво во еден ден качивме уште три други врва Кончето, Бански Суходол и Кутело. Сите тие се наоѓаат на планината Пирин – преубава планина со фасцинантни предели и погледи од сите страни. Пирин ме привлече поради алпскиот карактер а Кончето, пак, е познат како еден од највозбудливите планинарски премини на Балканот – тесен и стрмен гребен што бара посебна внимателност. Турата беше доста долга и траеше цел ден, со постојани искачувања и спуштања. Теренот е доста ризичен и би препорачала добри планинарски чевли, заштитен шлем, вода и заштита од сонце. Тура што дефинитивно би ја повторила но можеби во два дена за да можам повеќе да уживам во пределите.

Врв Вихрен
Олимп – планината на боговите


Поврзани објави

Преубава планина во соседна Грција! Планинарењето почнува во преубава шума, па како што се качуваш нагоре, така станува сè покаменесто и посурово, со море од облаци над 2000 метри, планински гребени и чувство дека си над сè. Најчесто луѓето го избираат врвот Митикас кој е највисок (2917 м) и врвот Стефани (2908 м), кој се смета за технички потежок. Јас сум била 6 пати и секогаш со задоволство се враќам.

Оваа планина има прекрасна енергија и е комбинација од митологија и предизвик, спектакуларни погледи кон изгрејсонцето на Егејско Море и во лето и во зима. Самото искачување е доста интересно, а пред самиот врв преку кулоарите потребно е посебно внимание. Со задоволство им ја препорачувам на љубителите на планини, па и не мора секој да стигне до врвот. Има многу планинарски домови и многу убава борова шума, па секој може да ужива во оваа авантура.

ЗБОР-ДВА ЗА ПЛАНИНАРЕЊЕТО

1. Како изгледа твојата подготовка за една тура?

Најпрво ја гледам временската прогноза, па дали патеката е обележана или не, дали има технички дел, каков е теренот… Во ранецот секогаш мора да имам вода, храна, резервна облека, челна ламба, крем за сонце и по нешто за прва помош за вонредни ситуации.

2. Кои домашни планини би им ги препорачала на почетниците?

За почетници има голем избор на тури кај нас, со оглед на тоа дека сме планинска земја. Галичица со врвот Магаро (2255 м) е идеална за почетници со 3 до 4 часа до врвот и назад. Турата не е тешка, а погледот кон Преспанско и Охридско Езеро е фантастичен. Потоа, Пелистер, третиот највисок врв во нашата земја (2601 м) на планината Баба. Јуни е идеален период за оваа тура, може да се посетат Малото и Големото Езеро, да се помине низ шума со молики (ендемичен бор на Балканот) и да се ужива во пределот. Планинарењето, пак, до Долна и Горна Лешница со Кривошијските водопади, на Шар Планина, претставува комбинација од река и шума, карпи, со поглед на фасцинантни планински врвови над 2000 м, како Шара. Турата трае 4 до 6 часа и е многу популарна за почетници. Кривошијските кади (водопади) доаѓаат како награда – прекрасен феномен и дар од природата. Најчесто, почетна точка е селото Бозовце. Топло ја препорачувам оваа тура за релаксација и планинско уживање.

3. Колку е важно да се инвестира во добра опрема и од каде да се почне?

Една од основните работи во кои треба да инвестира секој планинар е добра и квалитетна опрема, бидејќи од неа зависат безбедноста, удобноста и издржливоста. Тука спаѓаат добри обувки со добар ѓон, кои се удобни и кои не пропуштаат вода. Добра јакна за ветер и дожд која треба да е лесна за да може да ја собере во ранец, во случај на временска промена, што често се случува на планина. Потоа, планинарски стапчиња и ранец. Во зависност од тоа кој колку ќе се пронајде во спортот, опремата понатаму се купува постепено, по потреба.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА