Албанија би можела да добие јасен патоказ со конкретни реформи и временски рокови за напредок кон членство во Европската Унија. Брисел, според „Политико“, подготвува посебен план за Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија, со кој за првпат би можеле да бидат утврдени ориентативни датуми за завршување на клучните фази од преговорите.
Како што пренесува „Политико“, повикувајќи се на двајца високи претставници на Европската комисија, планот предвидува јасен чекор-по-чекор пат кон членството, со приоритетни реформи, ориентативни рокови и цели за затворање на преговарачките поглавја.
За Албанија тоа би значело конкретна листа на реформи и временски рамки за завршување на преговарачките кластери. Во исто време, и земјите членки на ЕУ би презеле обврски за понатамошно унапредување на процесот.
Албанија веќе ги има отворено сите 33 преговарачки поглавја, а во јули затвори три од нив – науката и истражувањето, образованието и културата, како и надворешните односи.
Според последните информации, Европската комисија работи со цел преговорите со Албанија да бидат завршени до декември 2027 година. Сепак, овој рок засега е дел од планирањето и допрва треба да биде формализиран во рамките на новиот патоказ.
Клучни датуми за понатамошниот развој на процесот се 6 октомври, кога се очекува да биде претставен прегледот на политиката на ЕУ за претпристапување, како и 15 и 16 октомври, кога лидерите на Унијата треба да разговараат за проширувањето и за внатрешните реформи на ЕУ.
Во меѓувреме, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оваа недела ќе го посети Западен Балкан, каде што ќе разговара со лидерите на Албанија, Црна Гора, Македонија и Косово.
Според најавите, посетата нема да ја опфати Босна и Херцеговина и Србија, кои во моментов се наоѓаат во период на национални избори.
Post Views: 70