Голем број граѓани, над сто илјади, синоќа се придружија на демонстрациите ширум Германија, барајќи „силни социјални политики“ и изразувајќи несогласување со предложените кратења во буџетските расходи, информира ДПА.
Синдикатите соопштија дека околу 175.000 луѓе учествувале во протестите, кои се раширија низ повеќе градови низ целата земја.
Во своето обраќање во Есен, претседателката на Германската конфедерација на синдикати (DGB), Јасмин Фахими, упати критики кон плановите на владата на канцеларот Фридрих Мерц за реформи на работните односи и пензиското осигурување, предупредувајќи на негативните последици од редуцирањето на социјалната поддршка.
Под слоганот „Тешко заработено! Твојата работа, Твоето здравје, Твојата пензија“, учесниците на протестите маршираа низ централните делови на 15 поголеми германски градови. Синдикатите истакнаа во нивната изјава дека стабилноста на работните места, квалитетните работни услови и заштитата на работничките права се под знак прашалник.
Според податоците од полициските служби, во Нирнберг имало меѓу 20.000 и 25.000 демонстранти, околу 12.000 во Есен и приближно 15.000 во Франкфурт на Мајна. Во Хановер се собрале околу 13.000 луѓе, во Штутгарт 16.000, во Фрајбург 4.500, а во Берлин 5.500.
Слични собири, на кои присуствуваа илјадници граѓани, се одржаа и во Хамбург, Кил, Росток, Магдебург, Лајпциг, Ерфурт и Сарбрикен. Овие масовни протести доаѓаат во период на растечка загриженост за сигурноста на работните места во различни индустриски сектори, меѓу кои особено се истакнува автомобилската индустрија.
Извор: МИА