Продажните цени на производите произведени во земјава и наменети за домашниот пазар продолжиле да растат и во септември. Во однос на август, зголемувањето изнесува 0,6 проценти, додека споредбата со истиот месец минатата година покажува уште поизразен раст кај одделни категории производи, особено кај енергенсите и тутунската индустрија.
Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, на месечно ниво најголемо зголемување е регистрирано кај енергијата, чии продажни цени се повисоки за 1,1 процент. Раст од 0,9 проценти има и кај интермедијарните производи, односно суровините и материјалите што се користат во производството. Кај нетрајните производи за широка потрошувачка зголемувањето изнесува 0,2 проценти.
Годишната споредба открива дека енергијата е категоријата со најизразен раст на цените од 9,5 проценти. Следуваат трајните производи за широка потрошувачка со зголемување од 4,7 проценти, суровините и материјалите со 3,6 проценти и нетрајните производи со 3,2 проценти.
Дополнителен увид во движењето на трошоците даваат податоците за преработувачката индустрија. Во септември продажните цени во овој сектор биле повисоки за 3,3 проценти во споредба со истиот месец минатата година.
Особено изразен раст е забележан кај тутунските производи, каде што цените се зголемиле за 11,1 процент. Кај производството на моторни возила, приколки и полуприколки поскапувањето достигнува 10,3 проценти, додека кај пијалаците изнесува 4,6 проценти. Производството на храна бележи раст од 2,1 процент.
Повисоки цени, за по шест проценти, се регистрирани и кај електричната опрема и другите неметални минерални производи.
Иако овие статистички податоци не ги претставуваат директно цените на производите во маркетите и продавниците, тие укажуваат на движењето на трошоците во производствениот сектор. Доколку производителите продолжат да се соочуваат со повисоки влезни трошоци, дел од поскапувањата со текот на времето може да се пренесат и врз крајните цени што ги плаќаат потрошувачите.