За кусо време во Крушево се почна со реализација на конкретни потфати кои целат подобрување на условите за живеење на жителите и создавање нови перспективи за напредок, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, кое МИА го пренесува во целост.
Работите се одвивале на повеќе фронтови, вклучувајќи ја патната и комуналната инфраструктура, системот за водоснабдување, подобрувањето на јавните простори, урбанистичкото планирање, како и поддршката за спортот и туризмот.
Во моментов се гради пристапниот пат кон скијачките патеки, кој ќе овозможи полесен и побезбеден пристап до ова значајно туристичко и спортско средиште. Овој пат ќе биде поврзан и со идната обиколница околу Крушево, за чија тендерска постапка е во тек, што ќе помогне во намалување на сообраќајниот метеж низ градот.
Се подготвува техничка документација за унапредување на патната мрежа во населените места, а се продолжува со обнова и санирање на локалните улици. Во овој момент се работи и на сообраќаен проект кој има за цел обезбедување дополнителни паркинг места и регулирање на сообраќајниот режим во централното градско јадро, особено во периоди со зголемен број посетители.
Посебен акцент е ставен на водоснабдувањето, една од клучните потреби на граѓаните. Во тек е изработка на студија за намалување на загубите на вода за пиење, а веќе е завршена реконструкцијата на пумпната станица за водоснабдување на Крушево. Се очекува тендерска постапка за целосна замена на хидрауличната и електричната опрема.
Продолжува и модернизацијата на Јавното комунално претпријатие. Кон крајот на септември се очекува испорака на нов ровокопач-натоварувач, додека веќе е набавено ново возило за собирање отпад. Започнат е и процес на селекција на комуналниот отпад, кој ќе биде проследен со изградба на центар за селекција.
Две нови места за полетување се во завршна фаза, со што двојно ќе се зголеми капацитетот на параглајдинг центарот во Крушево. Паралелно се одвива уредување на дел од спортско-рекреативниот центар „Гумење“, со изградба на детски рекреативен парк и подобрување на просторот околу Крушевското Езеро.
Започнат е процесот за обнова и ревитализација на Крушевската чаршија, еден од најзначајните симболи на градот и важен дел од туристичката понуда. Во завршна фаза е изработката на техничка документација за реконструкција на Градскиот пазар. Со поддршка од Министерството за спорт, ќе започне и реализацијата на проектот за изградба на нова спортска сала.
Покрај конкретните инфраструктурни потфати, се работи и на создавање планска рамка за иден развој на Крушево и околните населени места. Во тек е донесување на Генерален урбанистички план за дел од градот Крушево, како и Детален урбанистички план за контактната зона на градот. Паралелно се работи и на урбанистичко-планска документација за населените места во општинaта, како и документација за изградба на канализациони системи.
Целта е преку реализација на конкретни проекти, постепено да се обезбеди подобра инфраструктура, повисок квалитет на живот и нови можности за економски раст во општина Крушево.
Крушево заслужува да биде модерна, уредена, одржлива и функционална општина, со развиена инфраструктура, силен туризам и подобри услови за живот за сите негови жители.
Извор: МИА