Почетна Убавина и здравје„Не сакам Анастасија само да го продолжи она што го создавав – сакам да му даде свој печат“ – Убавина и здравје

„Не сакам Анастасија само да го продолжи она што го создавав – сакам да му даде свој печат“ – Убавина и здравје

од nenad
9 минути читај за

Лицето од насловната страница на овој број на „Убавина и здравје“ е жена која речиси три децении го живее светот на убавината – Ирена Стаменковска. Успешна професионалка, искусен козметичар и едукатор, таа зад себе има кариера изградена со знаење, работа и љубов кон професијата.

Но денес нејзината приказна добива нова, особено емотивна димензија. По истиот пат чекори и нејзината ќерка Анастасија, која во приказната за Studio Pantea внесува своја енергија и своја визија.

За „Убавина и здравје“ Ирена открива што научила низ годините, што сака да остави зад себе и зошто верува дека најубавото продолжение на една успешна приказна е кога следната генерација ќе добие шанса да напише своја.

Пред речиси три децении, кога во средношколските денови ја избрала професијата козметичар, Ирена Стаменковска веројатно не можела да претпостави колку ќе се промени светот на убавината. Од првите практични чекори и работата со клиенти, до денешната улога на искусен професионалец и едукатор, нејзината приказна е приказна за континуирано учење, љубов кон професијата и храброст да се отвораат нови патишта.

Но денес не зборуваме само за нејзиниот професионален пат.

Зборуваме и за Studio Pantea, кој го градела чекор по чекор, за нејзината ќерка Анастасија, која денес внесува своја енергија и визија во приказната, но и за една нова иницијатива зад која стои желбата професијата козметичар да добие поголемо признание, повисоки стандарди и посилна заедница.

Ирена е една од оние професионалки кои не престануваат да учат, но истовремено чувствуваат одговорност наученото да го пренесат понатаму. Нејзината порака е едноставна, но силна: клиентот не ја чувствува нашата диплома. Ги чувствува нашиот допир, сигурноста и енергијата со која работиме.

„Ова е професија во која сакам да останам“

Како почна вашата професионална приказна и што за вас денес значи да се биде козметичар?

Мојата приказна почна уште во средношколските денови, кога во 1994/95 година се запишав во „Димитар Влахов“, на насоката за козметичари. Уште додека учев, почнав да одам на пракса кај д-р Мери Николовска, а подоцна таму и работев. Многу рано сфатив дека ова е професија во која сакам да останам.

Со годините стануваш посигурен во она што го работиш, но истовремено и посвесен колкава одговорност носи професијата козметичар. Денес на неа гледам како на сериозна професионална гранка, која одамна ги надмина рамките на она што некогаш се подразбираше под „козметичар“.

Од нас се очекуваат знаење, постојана едукација и разбирање на кожата, активните состојки и технологиите со кои работиме, но пред сè да ги познаваме границите на сопствената професија.

„Сакам Анастасија да му даде свој печат на она што го создавав со години“

Вашата професионална приказна денес ја продолжува и вашата ќерка Анастасија. Како гледате на тоа?

Studio Pantea го градев чекор по чекор, со многу работа, искуство и љубов кон професијата. И можеби една од најубавите работи денес е што гледам како таа приказна природно продолжува да расте со Анастасија.

Не сакам таа едноставно да го продолжи она што јас сум го создала. Сакам да му даде свој печат. Таа веќе внесува своја енергија, свој поглед и идеи, го модернизира Studio Pantea и го развива во согласност со својата генерација, но врз темелите и стандардите што ги градевме со години.

И интересно е што јас не го доживувам тоа како предавање или повлекување. Напротив. Го доживувам како раст.

Додека Анастасија го гради следното поглавје на Studio Pantea, јас добивам простор моето искуство да го насочам кон поголеми проекти, професионални едукации, нови концепти и иницијативи со кои можам да придонесам пошироко во професијата.

Можеби тоа е и најубавото нешто што можеш да го доживееш како родител и како професионалец – да гледаш како нешто што си го создавал со години не завршува со тебе, туку добива нов живот во следната генерација.

„Не верувам во моментот: сега знам сè“

Колку е важно постојано да се надградува и едуцира еден козметичар?

Многу. И тоа никогаш не завршува.

Ова е професија што постојано се развива – доаѓаат нови технологии, активни состојки, протоколи и нови сознанија за кожата. Затоа верувам дека кога се сака една професија, постојаното учење едноставно станува дел од неа.

Не верувам во моментот „сега знам сè“. Јас и по толку години учам. Токму таа потреба постојано да знаеш повеќе, за мене, е една од работите што создаваат вистински професионалец.

Клиентот денес не бара само услуга

Што најмногу се променило кај клиентите низ годините?

Многу нешта, но пред сè, односот кон самата нега.

Порано, особено кај жените, грижата за себе многу често доаѓаше последна. Жената беше мајка, сопруга, домаќинка, се грижеше за сите околу себе, а времето и вниманието за себе некако остануваа на крај.

Денес тоа е многу поинаку. И жените и мажите повеќе се грижат за себе, а негата сè повеќе станува дел од начинот на живот, а не нешто што го правиме само за посебна пригода.

Клиентот повеќе не бара само услуга. Бара знаење, сигурност, доверба и резултат. А тоа нè тера и нас, професионалците, постојано да бидеме подобри.

„Клиентот не ја чувствува нашата диплома“

Што за вас значи вистинска едукација и што најмногу ве радува како едукатор?

Секоја едукација има своја посебна убавина и свое место. Денес знаењето ни е достапно насекаде, но едно е да добиеш информација, а сосема друго е некој да те научи да работиш.

Онлајн-курсот за масажа, на пример, ќе ти ги покаже техниките, но нема да те научи како да го држиш сопственото тело, како да ја користиш својата тежина и како да се движиш околу клиентот – да се движиш како пеперутка, а сепак да ја изведеш најмоќната масажа. Тука се допирот, притисокот, ритамот и енергијата.

А најмногу ме радува моментот кога кај учениците ќе ја видам онаа искрена возбуда – кога по вежбањето и несигурноста раката станува посигурна и во нивните очи ќе го видиш: „Успеав. Можам.“

Затоа што на крајот клиентот не ја чувствува нашата диплома или сертификат. Го чувствува нашиот допир, сигурноста со која работиме, енергијата што ја носиме и односот што го градиме со него.


Поврзани објави

Што ги кочи жените што сакаат да создадат beauty-бизнис?

Кој е најголемиот предизвик за жените што сакаат да создадат успешен beauty-бизнис и што најчесто ги кочи на тој пат?

Неодамна токму оваа тема ја разработувавме на една едукација на МИТ и, иако секоја жена имаше различна приказна, најчесто се повторуваа три работи – несигурноста, немањето поддршка и стравот од неуспех.

Мислам дека токму тие најчесто нè кочат, а вистинскиот предизвик е да продолжиме и покрај нив. Да не чекаме да исчезне стравот, сите околу нас да нè поддржат или да бидеме сто проценти сигурни дека ќе успееме.

Со годините научив дека самодовербата не мора да дојде пред првиот чекор. Многу често се гради токму со чекорите што ги правиме – ќе погрешиш, ќе поправиш, ќе пробаш повторно и ќе продолжиш.

Стравот од неуспех можеби никогаш целосно не исчезнува. Предизвикот е да не му дозволиме да одлучува наместо нас.

„Најголемиот beauty-тренд е негата“

Кои beauty-трендови заслужуваат внимание, а кои се само интернет-тренд?

Ох, има многу работи што ме нервираат кај денешните beauty-трендови, но можеби е подобро да не навлегуваме во сите.

За мене најголемиот beauty-тренд, отсекогаш и засекогаш, е негата. Класичниот третман на лице. Иако тоа воопшто не е тренд – тоа е незаменлива класика која била, е и ќе остане основа на здравата и негувана кожа.

Апсолутно сум за новите технологии, активните состојки и иновативните протоколи кога имаат вистинска вредност. Но ниту една иновација не може да ја замени основата – правилната процена на кожата, соодветната нега и континуитетот.

Од друга страна, не се согласувам со рутините со безброј чекори и производи. Кожата не е полица на која треба да наредиме сè што сме купиле.

Повеќе производи и повеќе активни состојки не значат автоматски подобар резултат. Понекогаш значат само преоптоварена кожа и нарушена бариера.

За мене кај кожата важи едно правило кое времето постојано ми го потврдува: Less is more. Да ѝ го дадеме она што ѝ е потребно – и да знаеме кога е доволно.

Каде завршува негата, а почнува претерувањето?

Каде е границата меѓу нега, естетика и претерување?

Мислам дека границата е таму каде што, трагајќи по совршенство, почнуваме да се губиме себеси некаде по патот.

Немам ништо против желбата на една жена да се негува, да изгледа подобро или да коригира нешто што ѝ пречи. Но интернетот, социјалните мрежи и филтрите создадоа слика за убавина која понекогаш во реалноста воопшто не постои.

Негата треба да ни помогне да бидеме најдобрата верзија од себе, а не да нè претвори во некоја друга верзија од сите останати.

Сакам негувана жена и немам ништо против естетските корекции кога се направени со мерка и добра проценка. Но уште повеќе сакам кога ќе погледнам една жена и сè уште ќе ја препознам неа.

Затоа што бркајќи го совршенството, многу лесно можеме да го изгубиме токму она што нè прави убави – нашата индивидуалност.

МАЕК – идеја што се создаваше со години

Зошто го основате МАЕК и зошто професионалците треба да се приклучат како активни членови?

Идејата за МАЕК не се роди преку ноќ. Мислам дека се создаваше во мене со години, низ сè она што сум го поминала во оваа професија – убавите моменти, успесите, но и борбите што сум морала сама да ги водам.

Кога си толку долго во една професија, почнуваш да ги гледаш работите и од друга перспектива. Не размислуваш само што можеш уште да направиш за себе, туку и што можеш да оставиш зад себе.

А потоа дојде Анастасија.

Гледајќи ја како влегува во истиот свет во кој јас сум речиси три децении, си поставив едно многу едноставно прашање: Дали и таа ќе треба еден ден да ги води истите битки што ги водев јас?

И мојот одговор беше – се надевам дека не.

Не само за неа. За секој млад човек кој денес ја избира оваа професија.

Нашата професија растеше многу брзо, но правилата, стандардите и начинот на кој сме организирани не растеа секогаш со исто темпо. Денес имаме прекрасни професионалци, луѓе со огромно знаење и искуство, но тие многу често функционираат секој сам за себе.

Токму затоа го основаме МАЕК – Македонската асоцијација на естетичари и козметичари.

Не сакам МАЕК да биде здружение што постои само на хартија. Сакам да изградиме силна професионална заедница која ќе работи на повисоки стандарди, континуирана едукација, професионална етика и поголемо вреднување на нашата професија.

И тука не зборувам само за оние што се на почетокот. Напротив. Потребни ни се и луѓето кои со години ја градат оваа професија, затоа што нивното знаење, искуство и глас имаат вредност.

Затоа сакам членовите на МАЕК да бидат активни членови. Не луѓе кои само ќе имаат членска книшка, туку професионалци кои ќе учествуваат, ќе предлагаат, ќе споделуваат знаење и заедно ќе создаваат нешто што досега ни недостасувало.

Можеби нема преку ноќ да ја смениме целата професија. Но некој мора да го направи првиот чекор.

И ако еден ден Анастасија и генерациите по неа влезат во поуредена, попочитувана и посилна професија од онаа во која влегов јас – тогаш ќе знам дека вредело.

Текст: Јована Стојменовиќ

Фото: Славјан Стојанов