Македонската пејачка Ивона Јо без влакна на јазикот проговори за одлуката да стапне во брак со Кристијан, но и за семејниот конфликт кој се појавил по нејзината одлука. Во гостувањето во „Полиграф“ кај Стефонатор, таа откри дека дел од нејзините најблиски сè уште не разговараат со неа бидејќи решила да се омажи пред да помине една година од смртта на нејзиниот татко.
Ивона призна дека свадбата ќе биде голема и на неа се очекуваат меѓу 300 и 400 гости. Иако порано велела дека не сака свадба и дека парите би ги потрошила на патување, денес размислува поинаку.
„Сега, кога ќе најдеш човек со кој сакаш сè, а не можеш да ги собереш сите луѓе на едно место, а тоа да не се вика свадба – зошто да правам 120 собиранки? Едноставно, ќе направиме свадба и ќе уживаме, а потоа ќе одеме на патување“, откри пејачката.
Сепак, зад радоста поради новото животно поглавје се крие и голема тага. Ивона признава дека уште сега се подготвува за моментот кога на свадбата ќе сфати дека нејзиниот татко нема да биде покрај неа.
„Единствено нешто за кое уште од сега се спремам е неговото отсуство и не знам тоа како ќе го преживеам тој ден, ама уште од сега работам, имам година дена да се спремам“, вели таа.
Покрај болката од загубата, Ивона откри и дека не сите членови од семејството ја прифатиле нејзината одлука за брак.
„Дел од фамилиите сè уште не ми зборат затоа што сум кажала ‘да’ пред некои традиции, обичаи, пред година дена на тато и слично“, откри таа.
Пејачката вели дека и било особено тешко да се справи со ваквата реакција, особено во период кога и самата се обидува да научи да живее без својот татко.
Поврзани објави
„Како минуваат деновите, мене ми е сè потешко и појасно дека немам татко, ама тие различно размислуваат. Се лутат и јас имав голем проблем со тоа. Сега се учам да немам. И учам да им простам. Не сум им простила уште“, искрено призна Ивона.
Таа се надева дека со текот на времето нејзините блиски ќе ја разберат нејзината одлука и ќе ја погледнат ситуацијата од перспектива на нејзиниот татко.
„Знаеја колку ме сака и колку сакаше да бидам среќна“, вели Ивона.
Во разговорот таа се осврна и на својата врска со Кристијан, признавајќи дека понекогаш се прашува дали двајцата не се движеле пребрзо кон брак. Сепак, кога тој ја запросил, како што вели, немала никаква дилема.
„Можеби, како што напишав на видеото каде што ме запроси, тоа беше најчесното ‘да’ во мојот живот“, изјави таа.
И покрај краткиот период во кој се познавале пред да донесат одлука за брак, Ивона вели дека Кристијан е човек каков што досега немала запознаено.
„На тоа апсолутно кажав ‘да’ затоа што запознав човек каков што досега немам запознаено“, вели пејачката.
Така, додека подготовките за големата свадба се во тек, Ивона се соочува со измешани чувства – радост поради љубовта и новиот живот со Кристијан, но и огромна празнина поради отсуството на човекот кој најмногу би сакала да го има покрај себе на еден од најважните денови во животот.
Фото: Јутјуб принтскрин