Почетна ЕкономијаЈаневска: Стипендиите за студентите остануваат, најавени и нови инвестиции во домовите

Јаневска: Стипендиите за студентите остануваат, најавени и нови инвестиции во домовите

од nenad
1 минути читај за

Министерката за образование и наука Весна Јаневска порача дека нема да има кратење на студентските стипендии, реагирајќи на критиките поврзани со измените на Законот за студентски стандард.

Таа истакна дека бројот на стипендии не се определува со закон, туку секоја година се утврдува според државниот буџет и реалните потреби. Според неа, тврдењата дека се намалуваат стипендиите се политички шпекулации и не се засновани на законските измени што се предлагаат.

Јаневска објасни дека новите измени имаат цел подобро распределување на средствата за студентска поддршка, при што ќе се земаат предвид успехот на студентите, дефицитарните професии и потребите на пазарот на трудот. Таа посочи дека дел од предвидените социјални стипендии со години останувале неискористени, бидејќи немало доволен број апликанти кои ги исполнуваат условите.

Според министерката, со новите решенија ќе се овозможи неискористените средства да не остануваат „замрзнати“, туку да можат поефикасно да се распределуваат во други категории на стипендии.

Во однос на студентските домови, Јаневска нагласи дека не е донесена одлука за зголемување на партиципацијата и дека висината на надоместокот не е дефинирана во законските измени. Како што рече, и цената за сместување ќе се утврдува секоја година преку посебна програма.

Таа најави и нови мерки за подобрување на условите во студентските домови, меѓу кои и државата да ги преземе платите на вработените, со што би се намалиле трошоците за студентите. Дополнително, според најавите, во текот на летото треба да започне реконструкција на студентските домови низ државата, со цел тие да станат поенергетски ефикасни и модерно опремени.

Во својата реакција, министерката ги коментираше и мерките предложени од Социјалдемократски сојуз на Македонија за време на ковид-кризата, оценувајќи дека тие биле тешко применливи и без јасни критериуми за реализација.