Почетна Убавина и здравјеТрадиционален рецепт за слатко од јагоди: Еве како го правеле нашите баби!

Традиционален рецепт за слатко од јагоди: Еве како го правеле нашите баби!

од nenad
2 минути читај за

Пригответе слатко од јагоди по традиционален рецепт

Мирисот на домашно слатко од јагоди нè враќа во детството и во старите летни кујни, каде што овошјето внимателно се готвеше за да остане цело и сјајно во густиот сируп. Со овој традиционален рецепт ќе добиете токму такво слатко – бистро, миризливо и полно со цели јагоди.

Состојки:
  • 1 кг, цврсти помали јагоди
  • 1 кг шеќер
  • 400-500 мл вода
  • 1 лимон (сок и неколку крукчиња)
Приготвување:

Јагодите внимателно исчистете ги од петелките, измијте ги и добро исцедете ги. Најдобри се поситни и поцврсти јагоди, бидејќи во текот на готвењето остануваат цели.

Во широко тенџере ставете шеќер и вода. Гответе на силен оган додека шеќерот целосно се стопи и сирупот зоврие, 5-10 минути.

Во зовриениот сируп внимателно додајте ги јагодите. Немојте да мешате со лажица за да не се распаднат плодовите – доволно е повремено нежно да го протресете тенџерето.


Поврзани објави

Гответе на средна температура, 30-40 минути. При готвењето, редовно отстранувајте ја белата пена од површината, за да остане слаткото бистро и убаво.

При крајот, додајте сок од лимон или неколку тенки кругови лимон. Лимонот ја чува бојата на јагодите и го спречува претераното зашеќерување.

Слаткото е готово кога сирупот паѓа од лажица во бавни, густи капки, наместо да тече како вода.

Тргнете го тенџерето од рингла, отстранете ја преостанатата пена и покријте со влажна крпа. Оставете го целосно да се олади за јагодите да го впијат сирупот и да останат цели.

Оладеното слатко сипете го во стерилизирани тегли и добро затворете ги.

Совети:
  • Одбирајте помали и поцврсти јагоди.
  • Само протресете го тенџерето, не мешајте со лажица.
  • Лимонот или малку лимонтус помагаат слаткото да остане убаво и да не се зашеќери.
  • Ако го оставите слаткото покриено прекуноќ, јагодите ќе бидат уште поубави и пополни со сируп.

ФОТО: Freepik