Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска упати критики кон украинскиот претседател Володимир Зеленски, поради неговиот говор одржан во Давос. Според унгарската влада, Зеленски „повторно ги насочил своите критики кон унгарската влада и кон него лично“.
Како што истакна Орбан преку објава на социјалните мрежи, Зеленски ги критикувал и „сите останати европски лидери“. „(Зеленски) тврди дека поддршката којашто е испратена до Украина е недоволна, дека оружјето не е доволно и дека одлучноста на Европа е сè уште на ниско ниво. Одговорот од Брисел не мораше долго да го чекаме.
Синоќа (претседателката на Европската комисија) Урсула фон дер Лајен презентираше план за развој на Украина. Во него, Брисел ги прифати сите украински барања – 800 милијарди долари за Украина, забрзано пристапување во ЕУ до 2027 година и дополнителна поддршка сè до 2040 година“, изјави Орбан.
Тој смета дека Зеленски „имал погрешна проценка“, но дека Брисел е „готов да плати“. „За ова ќе кажеме неколку зборови. Предстои национална петиција преку која можеме да испратиме јасна порака до Брисел: ние нема да плаќаме“, порача Орбан.
Зеленски, пак, во своето обраќање на Светскиот економски форум во Давос, своите ставови ги илустрираше со споредба со филмот „Денот на мрмотот“. Тој нагласи дека Европа, исто како ликот од филмот, „ги повторува истите зборови“ без да преземе конкретни дејства, и покрај изминатата година и повеќекратните апели дека „Европа знае како да се брани“.
јт/Фото: Орбан на Фејсбук.
Извор: МИА.