Грција прими покана за членство во Мировниот совет, потврди министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис. Земјата внимателно ги анализира сите релевантни документи во врска со ова прашање.
“Навистина, потврдувам дека Грција доби покана од претседателот Трамп да стане основачка членка на Мировниот совет,” изјави Герапетритис, според дописничката на МИА од Атина.
Тој ова го нагласи на заедничка прес-конференција по трилатералната средба Египет-Грција-Кипар што се одржа во Каиро. Шефот на грчката дипломатија потврди дека поканата се однесува на Мировниот совет за Газа.
“Како што знаете, формирањето на Мировниот совет е согласно Резолуцијата 2803 на Советот за безбедност на ОН, за која Грција, како избрана членка, гласаше позитивно,” додаде Герапетритис.
Грција континуирано ја искажува својата поддршка за сите напори насочени кон унапредување на мирот, безбедноста и стабилноста. Во овој контекст, земјата ќе оствари координација со своите партнери од Европската унија, како и со други важни сојузници и пријатели, вклучувајќи го и Египет.
Во однос на трилатералната средба со неговите колеги од Египет и Кипар, Герапетритис истакна дека се размениле мислења за клучни регионални и меѓународни теми. Разговорите опфатиле ситуацијата во Газа, Иран, Сирија, Судан, како и значењето на безбедната поморска пловидба.
“Преферираме дипломатијата наместо војна и промовираме стабилност во регионот, наместо хаос. Веруваме во соработката и разбирањето, избегнувајќи ја омразата и поделбата,” порача шефот на грчката дипломатија.
Тој додаде: “Медитеранот го замислуваме не како регион осуден на конфликти, туку како регион на мирен соживот на сите негови народи и на идните генерации.”
На состанокот, исто така, беше постигнат консензус за постоење на значаен потенцијал за зајакнување и проширување на трилатералната соработка во области како што се економијата, трговијата, туризмот, енергетиката, иновациите и новите технологии.
Извор: МИА