Почетна ЕкономијаАвион на „Туркиш ерлајнс“ слета принудно во Барселона поради закана со бомба од патник

Авион на „Туркиш ерлајнс“ слета принудно во Барселона поради закана со бомба од патник

од nenad
1 минути читај за

Авион на „Туркиш ерлајнс“ на релација Истанбул – Барселона денеска мораше принудно да слета, откако беше утврдено дека еден патник го преименувал својот безжичен интернет пристап со порака која содржела закана за бомба.

Генералниот директор за комуникации на „Туркиш ерлајнс“, Јахја Устун, сподели нацијалните платформи дека во текот на приближувањето кон Барселона, на летот Истанбул-Барселона со број TK1853, било откриено дека еден од патниците создал „хотспот“ за интернет и го именувал така што вклучувал закана со бомба.

„Веднаш беа преземени сите потребни безбедносни протоколи. По безбедното приземјување на леталото, безбедносните органи на копно спроведуваат темелни проверки. Оваа постапка се одвива според сите меѓународни регулативи за безбедност во воздушниот сообраќај“, истакна тој, цитиран од „Хуриет“.

Шпанската новинска агенција EFE претходно извести дека авионот на турскиот превозник извршил итно слетување на аеродромот Ел Прат во Барселона поради пријава за потенцијална закана.

Операторот на шпанските аеродроми, AENA, потврди дека аеродромот функционира нормално и дека службите за безбедност ја проценуваат моменталната состојба.

По добивањето на известувањето, два воени авиони го придружувале патничкиот авион, кој требало да слета во Барселона во 11 часот по локално време. Службите за вонредни ситуации евакуирале околу 150 патници и спровеле неопходни инспекции на авионот „Ербас А321“, кој е во сопственост на турската авиокомпанија, објави „Паис“.

Каталонската агенција за цивилна заштита го активираше планот „Аерокет“ со највисоко ниво на подготвеност за справување со „ризичната ситуација“ на аеродромот.