Почетна ЕкономијаНиколоски: Продолжуваме со крупните проекти во железничкиот сообраќај – брза пруга на Коридор 10, доизградба на Коридор 8 и заеднички тунел со Бугарија.

Николоски: Продолжуваме со крупните проекти во железничкиот сообраќај – брза пруга на Коридор 10, доизградба на Коридор 8 и заеднички тунел со Бугарија.

од nenad
2 минути читај за

Со месец октомври започнавме со реализација на планирањето за железничката пруга. Очекуваме до претстојното лето да ги комплетираме сите активности, по што на терен ќе ги забележиме првите градежни машини.

Целосното завршување на проектот за брза железница е предвидено за 2031 година, додека еден колосек ќе биде во функција уште во 2028 година, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, презентирајќи ги плановите за железничката инфраструктура.

„Во моментов го работиме најважниот, но невидлив за граѓаните дел – темелното планирање. Актуелно сме посветени на фазата на планирање и подготовка.“, потенцираше тој.

Тој додаде дека со добро планирање, дури и најсложените проекти се реализираат брзо и во предвидените рокови. „Недостатокот на квалитетно планирање, пак, води до бавна реализација и нерешливи проблеми, како што е примерот со проектот Охрид – Кичево. За разлика од тоа, имаме успешни проекти како автопатот Демир Капија – Смоквица и Скопје – Штип.“, објасни министерот.

„Очекувам до лето да ги финализираме работите, а потоа првите багери да ги видиме на терен.“, изјави Николоски.

„Ветуваме дека за пет години од почетокот на градежните активности, проектот за брза пруга од север кон југ ќе биде комплетиран, односно во 2031 година.“, рече тој.

„Со оглед на тоа дека пругата ќе биде двоколосечна, еден од колосеците ќе биде функционален веќе во 2028 година, нагласи Николоски.

Во врска со железничката пруга на Коридор 8, од Министерството за транспорт информираа дека тим од двете железници интензивно работи на прекуграничниот тунел.

„Екипи од железничките сектори на Македонија и Бугарија посветено работат на документацијата за изградба на меѓуграничниот тунел на железничката пруга. Работите напредуваат одлично, како и тендерските постапки од двете страни.“, информираа од Министерството.

„Во Бугарија пред неколку дена беше одобрен договорот и ратификуван, а од наша страна обврските се завршени. За жал, повторно се соочуваме со политичка криза и падната влада таму.“, образложи Николоски.

„Се надевам дека нивното Собрание ќе продолжи со работа во јануари, но и покрај тоа, железничките тимови од двете земји веќе работат со полна пареа.“, додаде тој.

„Сега претстои формирање на заеднички комитет од двете страни, кој ќе ја финализира документацијата за тунелот, која најверојатно ќе се базира на проектот веќе изработен од Македонски железници“, објасни Николоски.

Вкупната инвестиција за целосно поврзување на Скопје и Софија, како што истакна вицепремиерот, ќе достигне над 2 милијарди евра. Од нив, 810 милиони евра ќе бидат од македонска страна, а 1 милијарда и 200 милиони евра од бугарска страна, стои во соопштението.