Почетна ЕкономијаДелумен прекин на железничкиот сообраќај поради бојкот од дел од машинскиот и извршниот персонал

Делумен прекин на железничкиот сообраќај поради бојкот од дел од машинскиот и извршниот персонал

од nenad
2 минути читај за

Железничкиот транспорт во земјава е во делумно запирање, бидејќи мнозинството машиновозачи и извршен персонал во „МЖ Транспорт“ не работат. Ова денеска за МИА го потврди Тони Димовски, претседател на Синдикалната организација на машиновозачи на Македонија и претставник на машинскиот и извршниот кадар во претпријатието.

Протестот започна вчера, а причината, според Димовски, е неисплатениот втор дел од платата за ноември и неисполнетите барања од претходниот протест од почетокот на декември, и покрај постигнатиот договор со управата на железниците.

Димовски објасни дека првиот дел од платата за ноември им бил исплатен на 18 декември. Добиле неофицијални информации дека денеска ќе биде исплатен и вториот дел, но, нагласи, протестот ќе продолжи сè додека не бидат повикани на разговори за нивните барања од претходниот протест, од кои, и покрај договорот, ништо не е реализирано.

„Ќе бидеме во протест сè додека не бидеме повикани на средба за да се договори исполнување на барањата, но и да добиеме документ дека тоа ќе се случи“, изјави Димовски.

Тој наведе дека 60 до 70 проценти од машиновозачите и извршниот персонал учествуваат во протестот, што значи дека повеќето возови не сообраќаат.

„Од патничките возови вчера функционираше само еден, на релација Скопје – Гевгелија, со тргнување во 16:55 часот. Од товарните возови, пак, сообраќа поголем број. Откако започнавме со протестот вчера во 04:47 часот, не тргнаа возовите на линиите Скопје – Куманово и обратно, Скопје – Битола, Скопје – Велес, како и Скопје – Куманово од синоќа и утринава Скопје – Гевгелија“, рече Димовски.

На 1 декември минатата година, железничкиот сообраќај во земјата беше целосно запрен, а нормализиран на 2 декември по средба меѓу претставници на машиновозачите и извршниот персонал со раководството на „МЖ Транспорт“ и Министерството за транспорт.

Како што информираше Димовски, на 2 октомври до раководството на железничкото претпријатие биле доставени 15 барања. Меѓу нив се исплата на прекувремена работа, бонус за над 150 прекувремени часови, зголемување на коефициентот за 0,80 поради зголемени трошоци за живот, како и исплата на додаток од 10 отсто на платата за вонредно ангажирање.