Граничниот премин Евзони, кој служи за влез и излез кон и од нашата земја, и денес ќе биде затворен за секаков вид сообраќај во периодот од 11 до 15 часот и од 17 до 21 часот по наше време. Причината за ова се протестните блокади организирани од грчките фармери, како што јави дописничката на МИА од Атина.
Земјоделците, кои од 1 декември со своите машини се присутни на овој граничен премин, и денес, исто како и вчера, најавуваат две четиричасовни прекини во сообраќајот за сите возила кои влегуваат или излегуваат од Грција.
Првиот прекин ќе трае до 16 часот по локално време (15 часот по наше), по што границата ќе биде отворена за два часа. Потоа, фармерите повторно ќе го блокираат преминот од 18 до 22 часот (17 до 21 часот по наше време).
За време на празниците околу Божиќ, автопатите и граничните премини беа отворени. Сепак, од вчера земјоделците ги обновија блокадите на повеќе локации низ цела Грција. Очекувањата се дека за Нова година, од вторник до петок, блокадите повторно ќе бидат привремено укинати со цел да се олесни патувањето на граѓаните. Сепак, тракторите ќе останат паркирани во една од коловозните ленти.
Од вкупно 57 блокирани локации низ Грција, 14 од нив, заедно со четири земјоделски здруженија, по вчерашните средби бараат директен разговор со Владата. Тие објаснуваат дека ова не претставува нивно издвојување од заедничкиот протестен фронт, туку иницијатива за создавање услови за започнување дијалог.
Меѓу овие 14 групи кои поддржуваат разговор се и земјоделците кои се присутни на граничниот премин Евзони.
Протестите на земјоделците започнаа на 30 ноември, како реакција на зголемените трошоци за производство и ниските откупни цени на нивните производи, а во контекст на скандалот со европските земјоделски субвенции. Главниот императив е исплатата на заостанатите субвенции.
ср/вј/Фото: Архива МИА.
Извор: МИА