Table of Contents
Во светот на брза мода, неоригинални идеи и недостиг од креативност, вистинско освежување е кога на сцената ќе настапат ентузијасти со цврст став и јасна визија. Веќе една година, ексклузивниот бренд MITROFF зборува на јазик што инспирира и се издвојува од другите, а ние ве запознаваме со жената што стои зад оваа автентична модна приказна.
Уште кога се појави на модниот пазар, јасно беше дека станува збор за еден поинаков бренд. Една година подоцна, MITROFF и понатаму продолжуваат да ја потврдуваат својата оригиналност, па денес, жените ја препознаваат нивната силуета и без да ја видат етикетата. Љупка Митрова, основачката на овој бренд, годината што измина ја доживува како еден долг здив – густ, полн со работа, но бескрајно инспиративен:
„MITROFF го започнав со желба да создадам моден јазик што ќе зборува гласно, но и ќе носи тишина во себе. Денес, чувствувам дека сум токму таму каде што се надевав дека ќе бидам: меѓу жени кои го препознаваат тој јазик и се чувствуваат видени“.
Новата колекција е смела и постмодернистичка – вистински спој на класици и авангарда, дисциплина и емоција, исто како што „mater dolorosa“, Џоконда и Дали умеат да бидат и болка и мистерија, и распаднато време и вечност во иста слика.
Роденденот го обележавте со нова колекција, која несомнено е инспирирана од авангардната уметност. Какви приказни раскажуваат вашите креации?
Новата колекција е приказна за жената која ги собира своите делови и си ја создава вечноста сама. Инспирирана сум од постмодерната мисла дека ништо не е целосно, но секој фрагмент зборува силно.
Во моделите лежат три моќни симболи: mater dolorosa – како ехо на женската сила што се раѓа од чувствителноста, Џоконда – мистеријата, неизговорената самодоверба, Далиевиот часовник – времето што се топи во нашите раце. Колекцијата е создадена за жени што сакаат да бидат забележани, но не затоа што се гласни, туку затоа што се целосни.
Колку е лесно или тешко да се изгради бренд кој ќе биде препознатлив и посакуван? Што е пресудно: креативноста или чувството за бизнис?
Македонскиот пазар претставува голем предизвик, затоа што е мал, но токму затоа бара јасна и храбра естетика. MITROFF успеа затоа што не играв на сигурно. Креативноста е срцето, но бизнис-чувството е скелетот – без едното, другото паѓа. Исто како постмодерната уметност: мора да ја знаеш формата за да можеш да ја разрушиш.
Кој ваш успех би го издвоиле како најголем изминатава година? На што сте особено горда?
Најголем успех ми е тоа што MITROFF веќе не е само бренд – туку став, препознатлива естетика. Горда сум што жените ја препознаваат нашата силуета без да ја видат етикетата. Тоа чувство дека си создал свој визуелен печат е најголемата победа. Посебно сум горда на одѕивот за венчаниците – успеав да внесам уметност таму каде што традицијата често диктира правила. Моите венчаници го носат тој постмодерен код: нешто свето, нешто провокативно, нешто што го руши идеалот, но создава нов.
Што можат да очекуваат невестите кои ќе ви го доверат својот невистински фустан?
Венчаниците на MITROFF се создадени како да се галериски експонати што живеат само еден ден – но го менуваат целиот живот. Невестите може да очекуваат силна силуета, драматични порцелански линии и рачни изработки што личат на минијатурна уметност со француски печат. Во нив намерно внесувам симболика: белина која не е наивна и детали кои личат на скици од ренесансен автор.
Поврзани објави
Покрај тоа што сте успешна бизнис-жена, пред сè сте мајка, а од неодамна и сопруга. Како успевате да ги усогласите приватниот и професионалниот живот?
Искрено – тоа е секојдневен танц. Мајчинството, партнерството и бизнисот се три линии што постојано се преклопуваат. Но научив дека тајната не е во балансот, туку во изборот: секој ден се избира каде е приоритетот. Она што ме спасува е мојата способност да „пукнам“ и повторно да се составам – баш како идејата за постмодерната жена: несовршена, но незапирлива.
На вашиот инстаграм-профил неретко споделувате фотографии од вашите патувања. Која дестинација би ја издвоиле како најнезаборавна и зошто?
Не би можела да издвојам една омилена дестинација – секое патување ми е ново искуство, емоција и уживање. Но ако морам да одберам, тоа веројатно би било некое место со многу сонце… таму најмногу се чувствувам своја. Следното патување ми е Милано со друштво – и веќе ги имам осмислено стајлинзите, што е реткост во овој период откако започнав со работа. Овој пат сакам само да одам и да одморам… иако секогаш ми текнува дека „морам“ да сликам нешто. Единствената константа кај мене е што без разлика каде одам – прво го барам најблискиот фризерски салон, затоа што ако постои нешто што не поднесувам, тоа е неуредна коса.
Кои се најважните животни лекции што би сакале да им ги пренесете на вашите ќерки?
На моите ќерки би им посакала две работи: да веруваат во себе и секогаш да останат свои – без да ја изгубат човечноста. И би им кажала дека во животот нема „непознати“ работи; постојат само работи од кои се плашиме и на кои не си дозволуваме да им пристапиме. Кога ќе го надминат тој страв, светот ќе им се отвори многу пошироко отколку што можат да замислат.
Што ве прави најсреќна моментално, а што би ве направило уште посреќна во иднина?
Најсреќна ме прават моите девојчиња, мојот сопруг и чувството дека MITROFF расте како жив организам. А уште посреќна би ме направило да го прошириме брендот надвор од границите – да ја раскажеме оваа постмодерна приказна подалеку, меѓу жени што ќе ја разберат дури и без превод.
Разговарала: Марија Лукаревска
Концепт и креативна насока: MITROFF Studio
Фотографија: Бојан Стоилковски, Коста Јованов
Продукција: Max Management
Моден дизајн: MITROFF
Шминка и коса: Студио Шурбевски
MITROFF
Претходно
1 од 5
Следно