Шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, потенцираше дека Будимпешта нема да се откаже од руската нафта и покрај барањата кои доаѓаат од Белата куќа. Оваа негова изјава дојде во интервју за британскиот весник „Гардијан“, на маргините на 80-тото заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп апелираше до земјите-членки на НАТО и Европа да го сопрат увозот на руска нафта. Како одговор на тоа, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, напомена дека ЕУ веќе ги има скратено набавките на руски енергенси за 80 отсто. Значаен дел од преостанатите 20 проценти е на товар на Унгарија.
„Не можеме да гарантираме безбедно снабдување со енергија за нашата држава без руски извори на нафта или гас“, истакна Сијарто за „Гардијан“. „За нас, снабдувањето со енергија е чисто физичко прашање. Можеби е пријатно да се сонува за купување нафта и гас некаде на друго место (освен од Русија)… Но, можеме да купуваме само таму каде што имаме инфраструктура. А ако ја погледнете физичката инфраструктура, јасно е дека без руски испораки е невозможно да се гарантира сигурно снабдување на земјата“, објасни унгарскиот министер.
Унгарија и Словачка продолжуваат да увезуваат нафта од Русија преку нафтоводот „Дружба“. Обемот на испораките се движи околу 200–250 илјади барели дневно, што претставува приближно 3% од побарувачката на Европската Унија за оваа суровина.
Полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, во разговор за „Гардијан“ во Киев минатата седмица, изјави дека го поддржува повикот на Трамп до Европа да престане да купува руска нафта. „Се надевам дека претседателот Орбан во Будимпешта ќе го слушне ова и ќе дејствува според апелот на претседателот Трамп да престане да купува руска нафта. Унгарија може да ја добива својата нафта од југ“, рече Сикорски.
На прашањето за европскиот притисок, Сијарто ги нарече западноевропските претставници „фанатици“ и рече дека е „тотално невозможно да се води рационален дијалог базиран на факти, заснован на здрав разум“. Но, додека односите со Брисел остануваат напнати, односот со САД значително се подобри, додаде тој, изјавувајќи дека Унгарија беше „единствената европска влада која се надевала на победата (на Трамп)“. „САД сега се пријател“, рече тој. „Значи, да го имате американскиот претседател како ваш пријател е сосема различно во споредба со кога тие вршат притисок врз вас, без оглед на тоа што доаѓа од Брисел, е многу, многу сериозно“.
Аналитичарите истакнуваат дека ваквите искази ја покажуваат енергетската зависност на регионот и контроверзната позиција на Унгарија во однос на унифицираната европска политика за руските енергенси. Ситуацијата укажува на тоа дека Унгарија настојува да ги избалансира своите внатрешни потреби за стабилно снабдување со енергија со барањата на европската заедница за редукција на зависноста од Русија. Ова ги подвлекува проблемите во креирањето единствен пристап на ЕУ кон политиката на енергетски санкции и прилагодувањата во трговските односи на енергетскиот пазар.
ссм/фото: архива. Извор: МИА