Во текот на изминатите пет години, банкарскиот сектор во Србија се карактеризира со два тренда: редукција на бројот на банки и пораст на профитабилноста.
Споредено со 2019 година, бројот на банки во Србија е намален од 26 на 19 во тековната година. Спротивно на тоа, профитабилноста е зголемена за повеќе од двојно, објави весникот Данас.
Банките во Србија реализираа нето добивка од 774 милиони евра во првата половина од 2025 година. Во однос на првата половина од претходната година, профитот е зголемен за скромни 1,78 проценти.
Во текот на целата 2024 година, нето добивката на банкарскиот сектор пред оданочување изнесуваше 1,5 милијарди евра. Според анализата на банкарскиот сектор од специјализираниот портал Bankarskimonitor.rs, повратот на капиталот во српските банки во првата половина од оваа година изнесуваше 20,33 проценти.
Од 2020 година, која беше најтешката година во последните пет години, банките бележат речиси неверојатен пораст на повратот. Во пандемиската 2020 година, профитот на банките изнесуваше околу 350 милиони евра, а повратот на активата беше “само” 6,24 проценти, што значи дека се зголемил тројно за пет години.
Претходната година, во 2019 година, профитот беше 540 милиони евра, а повратот на капиталот изнесуваше 9,48 проценти.
Во првите шест месеци од оваа година, според анализата, највисок поврат на капиталот (ROE) постигнаа малите банки – API (43,8 проценти), Adriatik banka (40,7 проценти) и Банка на Кина (40 проценти). Тие три банки имаа и највисок поврат на капиталот лани.
Од друга страна, во првата половина од оваа година, две банки забележаа загуба, Yetell и Mirabank (ова е банка која губи секоја година од 2019 година). Освен нив, трите банки со најнизок поврат на капиталот беа турската Халкбанка (7,96 проценти), Адико банка (8,94 проценти) и Прокредит банка (12,52 проценти).
Во сите 6,5 години, единствената банка која работеше позитивно и постигна надпросечни резултати беше Рајфајзен банка, која минатата година беше банката со највисок профит во Србија. Таа банка имаше просечен поврат на капиталот во овие 6,5 години од 19,2 проценти.