Почетна ЕкономијаЈО и ДИК формираа комисија за следење на изборните нерегуларности на Локалните избори 2025

ЈО и ДИК формираа комисија за следење на изборните нерегуларности на Локалните избори 2025

од nenad
2 минути читај за

Државното обвинителство и Државната изборна комисија (ДИК) соопштуваат дека ќе ја зајакнат меѓуинституционалната соработка во рамките на нивните законски овластувања за организација и надгледување на изборниот процес на претстојните Локални избори.

Веќе е конституирана ад-хок комисија која ќе го следи одвивањето на постапките по потенцијални изборни неправилности, до која ќе можат да достават пријави граѓански здруженија, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции.

Државниот обвинител Љупчо Коцевски и претседателот на Комисијата во Државното обвинителство за следење на можни изборни неправилности Џељаљ Бајрами денеска реализирале средба со делегација од ДИК составена од претседателот Борис Кондарко, заменик-претседателот Абдуш Демири и членовите Светлана Карапетрова и Александар Даштевски.

По средбата, од Државното обвинителство известија дека со Државната изборна комисија интензивно работат со цел да ги обезбедат сите предуслови за чесен и продуктивен изборен процес.

„Јавниот обвинител Коцевски ги информираше претставниците на ДИК дека Колегиумот на Јавното обвинителство на РСМ донесе заклучок и за овој изборен процес да се формира привремена комисија задолжена да го следи постапувањето по евентуални изборни нерегуларности поврзани со постоење на кривични дела од Глава 16 од Кривичниот законик – Кривични дела против изборите и гласањето, како и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите.“

Комисијата ќе има задача секојдневно да ги следи сите случувања во државата поврзани со процесот на организирање и спроведување на локалните избори. За оние случувања за кои ќе се процени дека укажуваат на евентуални извршени изборни прекршоци, информациите веднаш ќе се испратат до надлежното основно јавно обвинителство.

„Во исто време, ќе се дадат задолженија до Основните јавни обвинителства за итно постапување, односно да формираат предмет и да ги преземат сите дејствија за утврдување на сите релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик“, се вели во известувањето од прес-службата на ЈО.

За претседател на Комисијата е назначен Џељаљ Бајрами, јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија, а во Комисијата ќе членуваат и по еден јавен обвинител од сите виши јавни обвинителства, како и еден јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје како основно обвинителство кое покрива најголема територија.

„Јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции и сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес, ќе можат да достават поднесок/пријава до Комисијата за следење на изборни нерегуларности на електронската адреса izbori@jorm.mk која ќе биде активна и за овој изборен процес“, соопшти Државното обвинителство.
лв/вј/Фото: ЈО