Почетна ЕкономијаАзески: Купувајќи од „Макпрогрес“, придонесуваме во обновата на Винчини

Азески: Купувајќи од „Макпрогрес“, придонесуваме во обновата на Винчини

од nenad
2 минути читај за

Во видео обраќање пред членовите на Управниот одбор на Стопанската комора на Северна Македонија, претседателот Бранко Азески, по несреќата во компанијата „Винчини“, изјави дека со набавка на производи од „Макпрогрес“ придонесуваме за реизградба на компанијата.

На состанокот на Управниот одбор, Азески објави дека е формиран кризен штаб и донесена е одлука во петок да се организира средба на сите трговски синџири и претставници на најголемите здруженија во Комората, на која ќе се упати апел за поддршка на производите на „Макпрогрес“.

Со купување на производите на „Макпрогрес“ во наредниот период, како што додаде тој, и следејќи ги повиците на социјалните мрежи, солидарноста треба да стане вообичаена практика во вакви ситуации, кои за жал оставаат сериозни последици врз функционирањето на општеството, економијата и животите на луѓето.
“Таа солидарност која извира од бизнисот поддржана и од граѓаните бара и апелираме секој со своите можности да учествува и да купи производи од Макпрогрес и со тоа практично да вгради по една од овие цигли во обновените погони што менаџментот на „Макпрогрес“ тврди дека ќе биде обновен во најбрзо време што е можно и ставен во функција”. Стопанската комора ќе даде целосна поддршка во сите области што ќе ги побара фабриката, рече Азески.

Тој исто така најави дека на средбата во петок ќе присуствува и сопственикот на „Макпрогрес“, Глигор Цветанов, кој, според Азески, ќе ги изнесе деталите врз основа на кои ќе се креираат стратегиите за понатамошно дејствување.

Од Стопанската комора информираат дека случувањата со „Макпрогрес“ се случуваат во период кога се иницира кампањата за промоција на „Македонско најдобро“, за која министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипунов, на средба со претставниците на бизнис секторот предводена од Азески, истакна дека целта на кампањата е да се подигне националната свест за домашните производи.

По направените анализи на економските показатели, кои во еден дел укажуваат на негативен тренд, Владата ја започна кампањата „Македонско најдобро“ со цел да ја подигне свеста кај потрошувачите за домашните прехранбени производи и да го стимулира домашното производство. “Така, делувајќи заеднички – Владата, министерството и бизнис секторот, ќе се врати довербата во нашето знаење, во нашата рака и во нашиот потенцијал, а парите ќе завршат во домашната економија”.
“Владата ќе ја има својата улога во промовирање, поддршка и создавање на погодна бизнис клима, компаниите ја имаат својата улога во создавање на квалитетни производи, а ние, како граѓани, ја имаме најважната улога: моќта да избираме”, посочуваат од Комората.

Во почетокот со кампањата беа вклучени само производителите на примарни производи, а сега, во следната фаза, ќе биде вклучена и преработувачката индустрија. Претседателот на Комората, Азески, нагласи дека ни недостасува цел, а тоа е зголемување на бруто домашниот производ. “Само на тој начин ќе ја размрдаме домашната економија”. “Ова не е повик за затворена економија, туку за отворена самодоверба”.
“Оваа кампања е повик на сите нас – влада, бизнис и граѓани – да се здружиме околу заедничка цел: просперитетот на нашата земја”, вели тој.