Денеска во Скопје беше претставен проект за финансирање на 200 електрични возила за таксистите, што е дел од напорите за позелен, потивок и поефикасен градски превоз.
Во Министерството за животна средина и просторно планирање беше потпишан меморандум за соработка од страна на првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити и претседателот на Здружението на легални такси превозници, Абдула Рушити.
Меџити во обраќање кон медиумите изјави дека се презентира конкретен и важен чекор кон промена на градскиот транспорт, со доделување на средства за 200 електрични возила за таксисти низ целата држава. “Овој проект е дел од нашите напори за борба против загадувањето на воздухот и подобрување на квалитетот на урбаниот живот.” “Возилото што го претставуваме денеска е електрично, со највисоки еколошки стандарди, без штетни емисии, без бучава и со висока енергетска ефикасност,” појасни Меџити.
Беше нагласено дека овие возила, во неколку етапи, ќе ги заменат сегашните кои користат дизел, бензин или природен гас, што ќе донесе многубројни поволности за луѓето и околината. “Просечната цена на едно електрично возило е 28,000 евра. Вкупната вредност за 200 возила изнесува приближно 5,6 милиони евра. Министерството ќе субвенционира 15 отсто од цената, односно околу 840,000 евра. Според нашите анализи, замената на овие возила ќе резултира со намалување од над 2,700 тони CO₂ годишно, што е еднакво на засадување на над 120,000 садници,” истакна Меџити.
Исто така, се очекува значително намалување на градската врева, посебно во густо населените области. “Ова е конкретен пример за почист, поефикасен и модерен транспорт, што носи директни придобивки за таксистите и граѓаните. Досега, како Министерство имаме преземено повеќе чекори за намалување на загадувањето. Воведовме „Car sharing“ со 100 електрични возила, овозможивме електрични велосипеди и тротинети за јавна употреба, а преку соработка со Европската Унија и програмата „EU for clean air“, реализиравме донација од шест електрични автобуси за Град Скопје, јакнење на капацитетите за мониторинг на квалитетот на воздухот и засадување на десетици илјади садници низ целата држава,” потенцираше Меџити.
Тој рече дека целта не се само краткорочни мерки, туку создавање на долгорочен систем за справување со загадувањето, преку политики за транспорт, енергија и поголема еколошка свест кај населението.
Претседателот на Здружението на легални такси превозници, Рушити, исто така, рече дека овој проект ќе биде корисен и за таксистите и за населението. “Најголема придобивка ќе имаат граѓаните кои ќе дишат чист воздух. Значи во Скопје секојдневно се возат околу три до четири илјади таксисти, замислете колкава е загаденоста,” посочи Рушити во изјава за медиумите.