Стопанската комора на Северна Македонија ја поддржува иницијативата „Македонско најдобро“ на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, чија цел е унапредување и зголемување на продукцијата на локални земјоделски артикли, потврди претседателот на Комората, Бранко Азески по денешната средба со министерот Цветан Трипуновски.
Азески истакна дека преку оваа поддршка ќе се зајакне македонската економија и ќе се придонесе кон подигнување на животниот стандард во земјата, како и кон зголемување на приходите на компаниите. „Оваа активност ќе повлече и намалување на трошоците што ги прават понеконкурентни нашите производи.”
Тој додаде: „Тоа ќе е акција која ќе ги поттикне стимулативните активности и зголемување на продуктивноста, како и зголемување на бруто домашниот производ. Со тоа ќе покажеме дека имаме способност, организација и начин да се вклучиме во евроатланските интеграции на начин на кој сите тоа го прават, се бориме на пазарите со подобар и поквалиттен производ и со пониски трошоци да постигнеме подобри резултати.”
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трипуновски информира дека на платформата „Македонско најдобро“ досега се регистрирани и одобрени околу 40 индивидуални земјоделски производители.
„Во тек е регистрацијата на дел од индивидуалните земјоделци и на сите преработувачки капацитети што постојат за преработка на примарни земјоделси призводи и регистрацијата на ланците маркети кои овозможуваат достапност на нашите производи,” рече Трипуновски, најавувајќи дека кампањата ќе се прошири и на кондиторската индустрија, а целта е секој производ кој се продава од македонско потекло да го носи логото „Македонско најдобро“.
Според него, поддршката од Стопанската комора ќе придонесе кон успехот во заживувањето на домашната економија. „Да ги помогнеме компаниите кои произведуваат македонски производи и да им оддадеме признание и поддршка на македонските земјоделци кои произведуваат примарни земјоделски производи, бидејќи тие се основата во делот на производството,” истакна Трипуновски.
Владимир Трпаноски од Витаминка изјави дека и домашната кондиторска индустрија ја поддржува и се вклучува во кампањата. Тој смета дека како индустрија ќе имаат голем бенефит, а придобивки ќе има и македонската економија.
сс/са/Фото: МИА
Извор: МИА