Македонија, со бруто-домашен производ (БДП) од 3,4 проценти во вториот квартал од тековната година, го дели третото место со Хрватска според остварениот напредок меѓу европските држави, надминувајќи ги сите земји во регионот, истакна денес премиерот Христијан Мицкоски.
Во одговор на новинарско прашање, Мицкоски рече дека очекува економски раст и над четири проценти до крајот на годината. “Државниот завод за статистика денеска објави дека БДП во Македонија во вториот квартал е пораснат за 3,2 проценти. Тоа значи дека во моментот се објавени во рамки на ЕУ од Евростат податоци за растот на БДП за 28 европски земји. Македонија го дели третото место со Хрватска. Пред нас се Ирска и Кипар, сите останати земји во потесниот и поширокиот регион се зад Македонија,” изјави Мицкоски за време на посетата на општина Брвеница.
Премиерот нагласи дека со податокот за БДП во вториот квартал, економијата покажува пораст од над три проценти четири квартали по ред со актуелната Влада. “Првиот квартал беше третиот од минатата година кога имавме 3 проценти, па во четвртиот 3,2, па во првиот од годинава 3,2, сега е 3,4 проценти. Очекувам до крајот на годината да имаме квартал кога ќе ја пробиеме границата со над четири проценти со што уште еднаш ќе ги демантираме конструкциите и лагите на опозициските партии дека на економијата не и одело добро. Ова се бројки, со бројките нема политикантство, нема играње, тоа се факти,” рече Мицкоски.
Според официјалните податоци за БДП објавени денеска од Државниот завод за статистика, во второто тримесечје од годинава, најголем прогрес е евидентиран во секторите како градежништвото со 7,3 проценти, трговијата на големо и мало, поправката на моторни возила и мотоцикли, транспортот и складирањето, како и објектите за сместување и сервисни дејности со храна со 6,0 проценти. Зголемување има и во рударството и вадењето камен, преработувачката индустрија, снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, снабдувањето со вода, отстранувањето на отпадни води, управувањето со отпад и дејностите за санација на околината со 3,9 проценти.
Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги и непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во второто тримесечје од 2024 година, номинално бележи пораст од 6,1 процент, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ е 68,5 проценти. Во истиот период, извозот на стоки и услуги номинално е зголемен за 6,4 проценти, а увозот на стоки и услуги исто така бележи зголемување во номинален износ од 7,3 проценти. лв/са/ .