Почетна ЕкономијаСулев: Нема туризам без промоција, но и без соработка на приватниот сектор и државата

Сулев: Нема туризам без промоција, но и без соработка на приватниот сектор и државата

од nenad
2 минути читај за

Колку и да е убава една дестинација, ако никој не знае за неа, таа останува само скриено богатство, а не туристички производ. Туристите нема да дојдат ако не ги заинтересираме и повикаме, ако немаме стратешка, креативна и континуирана промоција. Нема да дојдат не затоа што немаме што да понудиме, туку затоа што живееме во свет на внимание и алгоритми, во кој прво се „купува“ вниманието, па дури потоа патувањето.

Ништо не се случува случајно! Не е доволно да имаш планини, езера, културно наследство или уникатна гастрономија и да веруваш дека „тоа ќе се прочуе само по себе“.

Aгенциите, хотелите, угостителите, институциите за култура и винариите се дел од дојдовниот туризам и имаат клучна улога во промоцијата и надминување на недостатоците, но тоа не е доволно ако државата не создаде услови: инфраструктура, дигитална поврзаност, инфо-центри и јасна стратегија.

Приватниот сектор е двигател на промоцијата во туризмот, но не може сам! Државата има централна улога во обезбедувањето рамка, инфраструктура и поддршка која ја надградува и овозможува силна туристичка понуда.

Нашиот приватен сектор е проактивен и е за пофалба. Постојат компании кои вложуваат во меѓукомпаниски саеми (B2B), патувачки промо-настани (roadshow), во информативни патувања за тур-оператори (FAM), и создаваат некаква слика за земјава на светско ниво. Но, без структуриран и координиран настап со државата тешко се постигнуваат сериозни, долгорочни резултати. Зошто е тоа така?

Идентитет или бренд од една дестинацијата не се гради со поединечни акции, туку со конзистентна порака, правилно таргетирање и оптимална ферквенција. Притоа е важно да се дефинираат мерливи резултати: дали тоа ќе бидат договорени нови тур-оператори, зголемување на капацитетот на летови, исполнетост со туристи особено пред- и по-сезона, просечна должина на престој, просечен приход  по расположлива соба итн.  Реченицата „предизвикавме интерес“ не е метрика, а без мерливи резултати се е импровизација. Истото се однесува и на субвенциите во туризмот, тие треба да се врзани со мерливи резултати, во спротивно се залудно вложени средства.

Важно е да се истакне дека доверба кај странските партнери дополнително се гради кога имаме видлива државна поддршка и стабилна политика за промоција.

Текстот е дел од колумна на Влатко Сулев