Процесот на прибирање на поддршка преку потписи за потенцијални градоначалници, до вчерашниот ден (28 август), го започнаа вкупно 13 независни кандидати. По еден кандидат има во Македонска Каменица, Куманово, Охрид, Дебарца, Дебар, Демир Капија, Македонски Брод, Кочани, Битола, Могила, Новаци, Демир Хисар и еден кандидат за Град Скопје.
Според информации добиени од Државната изборна комисија (ДИК) за МИА, сите кандидати ги подигнале своите кандидатури, освен во Куманово, каде што активноста за прибирање потписи сѐ уште трае.
Во пет општини се прибираат потписи и за советничките листи: Дебар, Кочани, Чешиново Облешево, Битола и Могила.
Во Битола, процесот на собирање поддршка за советници сѐ уште е во тек, додека во преостанатите општини, листите со веќе собрани потписи се подигнати.
Од ДИК истакнуваат дека во моментов не постои значителна разлика помеѓу општините во однос на интересот за обезбедување на потребните потписи.
Исто така, од Комисијата наведуваат дека досега не се пријавени никакви проблеми поврзани со текот на собирање потписи во ниту една од локалните канцеларии на ДИК.