Белата куќа денес го назначи помошникот секретар за здравство и социјални служби, Џим О’Нил, за привремен директор на американските Центри за контрола и превенција на болести (CDC), откако претходниот ден ја разреши Сузан Монарез, објави „Вашингтон пост“, цитирајќи двајца упатени извори.
Назначувањето на Џим О’Нил, сегашен заменик на Роберт Ф. Кенеди Џуниор, потенцијално му го расчистува патот на Кенеди да ги продолжи реформите во политиката за вакцинација во САД, откако претходната директорка на CDC, Сузан Монарез, ги одби неговите барања, пренесе весникот.
Центрите за контрола и превенција на болести (CDC) западнаа во фаза на „политички хаос“ откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја смени директорката Сузан Монарез, само еден месец откако таа ја презеде функцијата.
Монарез, наводно, одбила да поднесе оставка, а нејзините адвокати тврдат дека таа станала „мета“ поради нејзиниот научен став, додека администрацијата инсистирала на нејзино разрешување.
Министерството за здравство и социјални служби (ХХС) претходно соопшти дека Монарез веќе не е на чело на ЦДЦ, без да ја образложи одлуката.
Заменик-портпаролот на Белата куќа, Куш Десаи, потврди дека Монарез е разрешена поради одбивање да се повлече, што предизвика дополнителни политички тензии.
Според извештаите, Монарез влегла во конфликт со американскиот секретар за здравство Роберт Ф. Кенеди Џуниор, откако таа одби да ги поддржи измените во политиката за вакцинација.