Лимон-торта со јагоди по рецепт на Ивана Темелкоска
Здрава, а декадентна торта со лимон и јагоди! Ивана Темелкоска (@madmona7) ни го приготви овој вкусен десерт, во кој можете да уживате без гризење на совеста:
„Од Италијанците научив една важна лекција: роденденската торта не мора да биде раскошна, натрупана или комплицирана за да биде посебна. Доволна е добра основа – класична, проверена, ама надградена со внимателни, вкусни детали што ја прават фантастична. А кога притоа е и здрава, па можеш со ќеиф да си побараш ‘уште едно парче’, за мене, тоа е совршената роденденска торта.“
Состојки:
- 57 г омекнат путер
- 3-4 лажици агаве-сируп или 2 полни лажици стевија
- 4 големи јајца (ладни)
- 250 г рикота-сирење или несолена урда (ладно)
- 1½ лажица свежо цеден сок од лимон
- 1 лажиче кора од лимон
- 1 лажиче екстракт од ванила
- Опционално: 2 лажици амарето-ликер или лимончело за фантасична арома
Суви состојки:
- 100 г бадемово брашно (претходно просеано)
- 4 лажици кокосово брашно (просеано, не кокосови снегулки)
- 2 лажички прашок за печиво
- ¼ лажиче сол
Поврзани објави
Приготвување:
1. Загрејте ја рерната на 160°Ц. Обложете тркалезен калап (20 см) со хартија за печење и малку путер од страните.
2. Во мал сад, соединете ги сувите состојки.
3. Во друг сад, изматете го путерот со ванилата и засладувачот. Додајте едно јајце и матете додека смесата стане воздушеста.
4. Додајте ги рикотата, кората и сокот од лимон и продолжете со матење.
5. Наизменично додавајте по ⅓ од сувите состојки, па по едно јајце, сè додека се потрошат сите.
6. Истурете ја смесата во калапот и израмнете ја површината. Печете околу 50 минути или додека чепкалката не ви излезе сува.
7. Оставете ја тортата да се излади 15–20 минути, па извадете ја од калапот и оставете целосно да се излади.
8. За топингот, измешајте грчки јогурт со малку агаве-сируп и мармалад од лимон или портокал. Премачкајте ја тортата, па декорирајте ја со свежи јагоди и ливчиња бадеми.