Кардиологот Сашко Кедев денес подвлече дека тужбата, која претходно му беше најавена од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, доколку не специфицира во која приватна клиника се извршува неоправдано стентирање за добивка, ќе биде прилика конечно да се разјасни што реално се случува во македонскиот приватен здравствен сектор.
На молбата на МИА за можен коментар на заканата од „Систина“, д-р Сашко Кедев единствено ни ја проследи објавата, односно одговорот истакнат на Х профилот на Ганка Цветанова, каде што стои: „Оваа тужба ќе биде можност конечно да се види што навистина се случува во македонското приватно здравство. Looking forward…“. Претходно, денеска, „Систина“ инсистираше тој да прецизира на која клиника алудира во изјавата, условувајќи го со тужба за клевета и навреда доколку не го стори тоа.
Целата ситуација произлегува по гостувањето на Кедев на Канал 77, каде што изјави дека во приватни болници се прават излишни интервенции со цел да се оствари поголем профит. „Најголем дел од мојата консултативна активност е во одвраќање луѓе од непотребни интервенции, непотребни стентирања, непотребни операции. Ние во моментот се соочуваме со нешто застрашувачко, а тоа се тие непотребни интервенции, кои што се профитно ориентирани. Имаме пролиферација на приватни болници, на кои што интересот им е профитот. Тоа се лесно докажливи работи, ние имаме докази дека одредени центри треба да се затворат од медицински аспект. Да се случува тоа во Англија или во Америка тоа ќе биде под клуч. Оперирале без потреба, сечеле граден кош без потреба, имаме докази за тоа. Тоа е фасцинантно нешто, за што релевантните институции треба да преземат нешто, пред сè Министерството за здравство и Фондот, бидејќи тие плаќаат некои од овие интервенции. Зборуваме за многу сериозни етички проблеми, поврзани со профит“, рече Кедев во емисијата.
Со реакција се јави Клиничката болница „Аџибадем Систина“, потенцирајќи дека е здравствена институција со висок углед во државата и регионот, изградена во текот на изминатите 25 години, и дека болницата е дел од втората најголема групација на болници во светот и препознатлива по врвниот медицински тим од 260 доктори, кој на секој пациент му пристапува со професионалност, експертиза и целосна посветеност. Оттаму истакнаа дека одлуките за третман и интервенции се носат исклучиво со мултидисциплинарен пристап, базиран на медицински индикации и највисоки етички стандарди. „По повод изјавите на проф. д-р Сашко Кедев изнесени во емисијата „На врв на светот“ на Канал 77, во која се споменува од страната на новинарот името на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, остро ја осудуваме содржината и пораката на ваквиот јавен настап. Овие тврдења се неосновани, го нарушуваат угледот на нашата реномирана установа и на нашите доктори, и непотребно внесуваат страв кај постоечките и идните пациенти. Ја уверуваме јавноста дека наводите за наводни непотребни хируршки интервенции во една приватна болница, наводно врз основа на профит, се целосно неточни и не може да се однесуваат на „Аџибадем Систина“, затоа што нема основа. Бидејќи во изјавата, д-р Кедев, посочува една приватна болница, притоа не споменувајќи за која станува збор, бараме точно да се изјасни за која приватна болница се однесува неговата изјава. Во спротивно ќе преземеме соодветни правни чекори и ќе поднесеме тужба поради клевета и нарушување на углед“, се наведува во реакцијата.
Во меѓувреме, Министерството за здравство извести дека веќе се координира за верификација на тврдењата изнесени во јавноста за евентуални непотребни медицински интервенции, како и спроведување на итни и вонредни надзори со цел добивање на целосна слика. Тоа е потребно да се реализира преку стручен тим или тимови. Дополнително, како што е наведено, министерот за здравство Азир Алиу веќе објави дека комплетната дигитализација на здравствениот сектор ја опфаќа и двонасочната размена на информациите меѓу јавните и приватните здравствени установи преку системот Мој Термин – само тогаш ќе имаме јасна слика и за евентуалните злоупотреби на системот и на финансиските средства. „Во здравството постојат јасно утврдени професионални стандарди, протоколи и законски постапки, како и компетентни тела надлежни за нивна примена. Почитувањето на професионалниот интегритет на здравствените работници е задолжително, исто како и почитта кон правата на пациентите. Одлуките за лекување се темелат на клинички индикации, но и на право на второ стручно мислење. Пациентите треба да се чувствуваат охрабрени да поставуваат прашања, да бараат појаснувања и доколку имаат дилема, да побараат второ мислење — тоа е дел од добрата медицинска практика. Оваа тема бара трезвен пристап и почит кон фактите, а безбедноста на пациентите, медицинската етика и медицината заснована на докази се основните принципи врз кои се заснова пристапот на здравствениот систем“, наведуваат од Министерството.