Луѓето кои пушењето цигари го заменуваат со алтернативи без чад можат да ја подобрат својата физичка кондиција за само четири недели, покажа нова студија спроведена во Италија. Истражувачите во студијата истакнуваат дека покрај оваа значајна здравствена придобивка, ваквите резултати можат да бидат силен поттик за пушачите кои не се откажуваат од цигарите, да ги заменат со помалку штетни алтернативи.
Студијата „Подобрен аеробен капацитет во рандомизирано контролирано испитување на никотин без чад и тутунски производи“ ја спроведоа истражувачи во Центарот за забрзување на намалувањето на штетата (CoEHAR) на Универзитетот во Катанија во Италија, а е објавена во научното списание Scientific Reports. Во главниот фокус на студијата e параметарот познат како VO2 max – максималната количина кислород што едно лице може да ја користи за време на физичка активност.
Ова е прв пат една студија директно да го испита влијанието на користењето уреди за загревање на тутун врз физичката кондиција, во споредба со пушењето цигари. Студијата го анализира испитувањето спроведено врз 220 возрасни лица кои немале намера да се откажат од пушење и го користеле Честеровиот тест за мерење на аеробниот капацитет по 4 и 12 недели.
Познато е дека пушењето го намалува капацитетот на белите дробови. Но, студијата покажа дека луѓето кои се откажале од пушење, па дури и оние кои само го намалиле бројот на испушени цигари, имале значително зголемување на апсорпцијата на кислород. Истражувачите истакнуваат дека истите придобивки се забележани и кај корисниците на уреди за загревање тутун и на електронски цигари.
Според објавениот научен труд, овие подобрувања во респираторните перформанси може да се сметаат како дополнителна придобивка од преминувањето од цигари на алтернативи без чад, што дополнително го потврдува нивниот потенцијал како алатка за намалување на штетите.
Според еден од авторите на студијата, професорот по интерна медицина д-р Рикардо Полоза, учесниците во испитувањето кои целосно се префрлиле на производи без чад имале значително подобрување на VO2 max.
– Нивните резултати ги споредивме со резултатите од претходните студии кај луѓе кои целосно престанаа да користат тутун и никотин, без да ги заменат со алтернативи. Оние кои го намалиле пушењето користејќи помалку штетни алтернативи постигнале подобрувања на VO2 max од околу 3 отсто по 4 недели и 4,5 отсто по 12 недели. Оние кои целосно се префрлиле на производи без чад имале зголемување од 5,5 отсто и 6 отсто во истите временски рамки – вели д-р Полоза.
Резултатите дополнително потврдуваат дека отстранувањето на штетните материи кои се создаваат при согорување на цигарите, особено јаглерод моноксидот, може брзо да го подобри транспортот на кислород и ефикасноста на кардиоваскуларниот систем.
Уредите за загревање тутун изминативе години станаа сè поприфатени во развиените земји низ светот, како што е Јапонија, каде што продажбата на цигари е преполовена по нивното воведување. Сепак, придобивките од преминувањето на вакви производи досега се помалку научно докажани во споредба со електронските цигари, па затоа оваа студија претставува значаен придонес во базата на докази.
– Потребни се повеќе истражувања, особено долгорочни студии, но нашите резултати сугерираат дека и електронските цигари и уредите за загревање тутун можат да бидат ефикасни алатки за подобрување на кардиоваскуларната кондиција кога ќе заврши транзицијата од пушење – заклучува д-р Полоза.