Дефектни објекти и опрема, затворен Аква парк, неизвесност за иднината на соларниот систем и изгубени можности за дополнителни приходи, констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР) во Ревизијата на Друштвото за изградба, управување и издавање на повеќенаменската сала „Борис Трајковски“ за 2023 година.
“Со ревизијата е утврдено дека друштвото во 2023 година остварило приходи од закупнини во вкупен износ од 10,901 илјада денари, врз основа на 24 активни договори за издавање деловни објекти под закуп.”
Од ДЗР информираат дека три од договорите биле потпишани во периодот од 2011 до 2013 година и важат од 10 до 15 години, согласно тогашната законска регулатива, додека останатите договори се склучени врз основа на постојниот Закон за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Северна Македонија. Со направените анализи, додаваат, е забележано дека кај два договори, цената постигната на јавно наддавање била само малку повисока од првично утврдената; кај пет договори цената останала непроменета во однос на стартната и – кај 14 договори постигнатата цена е пониска од првично проценетата, со намалувања кои се движат од 6% до дури 50%.
Овие спогодби се склучуваат на период од четири години, а по нивното завршување се продолжуваат со анекси, под исти услови и без разгледување на цените според актуелните пазарни услови.
Во ревизорскиот извештај е наведено дека компанијата остварува приходи и од продажба на стоки и услуги во вкупен износ од 48,812 илјади денари и тие претставуваат 74% од вкупно остварените приходи од продажба во 2023 година. Овие приходи, во споредба со 2022 година се намалени за 3%, додека во однос на 2021 година се зголемени за 33%. Во 2024 година, остварените приходи од продажба на стоки и услуги изнесуваат 55,182 илјади денари и се за 13% повисоки од приходите остварени во 2023 година.
“Резултатите од анализата покажуваат дека приходите од користење на пливачки базен, лизгалиште, мала сала, куглана, конгресна сала и пинг понг центар во последните три години во континуитет бележат пораст кој продолжува и во 2024 година, додека Аква паркот има тренд на пад на остварените приходи, а во 2024 година не работи и не остварува приходи”, посочуваат ревизорите.
Со ревизијата е опфатено и работењето на Аква паркот, при што е утврдено дека во 2023 година, вкупниот остварен приход изнесувал 4,290 илјади денари, што е за 41% помалку од планираниот износ. Во 2024 година, Аква паркот е затворен заради економската неисплатливост, како и заради истечениот гарантен рок од 10 години на вградените реквизити, опрема и инсталации, период во кој изведувачите гарантираат за квалитетот на изведените работи.
“Дополнително, ревизорите укажуваат на неизвесност во однос на натамошното функционирање на вградениот „соларен систем“ кој се состои од соларни панели и топлински пумпи за загревање на пливачкиот базен.” Друштвото за набавка на “соларниот систем” има исплатено 25,945 илјади денари, а според трговските книги на друштвото, неговата моментална вредност е 2,856 илјади денари.
Во ревизијата се посочува дека системот е пуштен во употреба во 2014 година и функционирал со прекини сè до 2023 година, но поради констатирани технички недостатоци на соларните панели, системот не функционира и за нив не е најдено ново соодветно решение.
Истовремено, во извештајот е нагласена пропуштената можност на Борис Трајковски ДООЕЛ Скопје за генерирање приходи од управување со паркингот, за кој друштвото има стекнато право на користење, но со години наназад не остварува приходи од издавање на паркингот.
“Во рамки на претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ во периодот од 30 ноември до 1 декември 2023 година, друштвото по препорака на Владата му овозможило на МНР логистичка поддршка и асистенција за адаптација и надворешно уредување на друштвото за потребите на настанот, кое било извршено од страна на МНР. По претходно спроведени постапки за доделување на договори за јавни набавки МНР склучило неколку договори со вкупна вредност од 124,234 илјади денари.”
Со ревизијата е утврдено дека не се доставени записници од МНР за потврдување на изведените работи и инсталирани добра и предмети кои останале во сопственост на друштвото.
Ревизорите во извештајот посочуваат дека исто така, не е постапено според одредбите од склучениот договор за соработка помеѓу двете институции, односно изведените работи и инсталирани (вградени) добра и предмети во друштвото, сѐ уште не се ставени во негова сопственост.
Тие го обелоденуваат начинот на кој во 2011 година била изградена и опремена спортската сала Борис Трајковски, преку задолжување од Град Скопје за износ од 260,491 илјади денари.
“Долгот кон Град Скопје требало да се отплаќа во три еднакви месечни рати, почнувајќи од 2011 година. Поради неповолната финансиска состојба на друштвото, враќањето на долгот е пролонгирано за 8 години и започнало дури во 2019 година, при што последната рата е исплатена во 2023 година.”
Во ревизијата се истакнува дека имајќи предвид дека друштвото во континуитет од 2019 до 2022 година работело со загуба и неговата ликвидност била нарушена, сите средства за отплатата на долгот се обезбедени од Буџетот на државата за што била зголемена основната главнина на друштвото во корист на државата.
Со извршената ревизија се забележани и други состојби, како и слабости во работењето со готовината, начинот на евидентирање на залихите на суровини и материјали, нецелосно извршен попис, непропишани прецизни надлежности за Надзорниот одбор, слабости во актот за систематизација и актите со кои се уредува начинот на пресметка на платите и други неправилности и неусогласености.