Нема да дојде до пораст на сумите на казни за сообраќајните прекршоци, но на оние кои возат несовесно, под дејство на алкохол, без валидна возачка дозвола, или со прекумерна брзина, ќе им биде запленето возилото, кое потоа ќе биде донирано на институциите. Ова го соопшти денес министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, од ГП Табановце.
“Со новиот закон за безбедност и со новиот закон за прекршоци, глобата којашто сега е утврдена на одредена висина нема да биде зголемена.”
Сепак, за оние кои неодговорно управуваат со моторно возило, кои без дозвола седнуваат зад управувачот, пијани управуваат со моторни возила со брзина над дозволената, односно прекумерна брзина од 200 км/ч и понатаму ќе имаме трајно конфискување на возилата.
Тошковски додаде дека покрај парична казна, ќе следи и соодветна казна затвор. “Тоа што го немало досега и со измените на Кривичниот законик во иднина освен што ќе се плаќа парична казна задолжително ќе биде изрекување и соодветна казна, дали станува збор условна казна или казна затвор,” рече министерот Тошковски.
Оние кои бесчувствително управуваат со возила веќе нема да можат да се „извлечат“ со плаќање на казна, туку ќе одговараат и со затворска казна, а ќе им биде конфискувано и возилото. “Ќе им биде конфискувано возило со коешто се прават вакви кривични дела од кои за жал ги губиме нашите најмлади како на улиците, во градовите, така и по автопатишта,” истакна Тошковски.
Тој исто така напомена дека постојат неточни информации во јавноста во врска со овој аспект и нагласи дека строгите казни ќе важат исклучиво за оние кои возат несовесно.
“Човек без дозвола не треба да му се дозволи да влезе во сообраќај, човек којшто е по дејства на дрога и алкохол не треба да му се дозволи да биде дел од сообраќај и ќе ми го одземаме возилата ќе ги донираме на институции коишто ќе ги стават во функција на сите граѓани,” заклучи Тошковски.
ам/вј/Фото и видео: МИА
Извор: МИА