Кичево доби нов, модерен мултифункционален спортски комплекс, кој денес беше официјално пуштен во употреба од страна на министерот за спорт, Борко Ристовски, заедно со пратеникот Ѓорѓија Сајкоски и заменик министерот за јавна администрација, Лазе Јакимоски.
Според информациите од Министерството за спорт, овој проект е дел од програмата за ревитализација на спортската инфраструктура, во рамките на која Министерството за спорт вложило 6.960.000 денари за реновирање на занемарените терени кај некогашниот Дом на АРМ.
“Со секоја ваква инвестиција го исполнуваме нашето ветување да ја обновиме спортската инфраструктура таму каде што беше запоставена. Упатувам порака до сите граѓани на Кичево да го користат, но и да го чуваат овој спортски комплекс кој не е само простор за тренинг туку и место за дружење, забава, здрава енергија и заедништво,” изјави министерот Ристовски.
Новиот спортски центар има игралиште за фудбал и ракомет со полипропиленска површина и трибина од 30 метри, терени за одбојка и кошарка со модерни подлоги, како и фитнес зона опремена со соодветни справи.
Центарот е сместен во центарот на градот и ќе биде достапен за сите жители за спортски активности и рекреација. Локалните власти ги повикуваат граѓаните да го користат одговорно и да не дозволат уништување на терените и опремата.
(ар/вј/Фото:Министерство за спорт . Извор: МИА)