Почетна ЕкономијаПроукраински хакери го нападнаа аеродромот „Аерофлот“ во Москва, откажани 60 летови

Проукраински хакери го нападнаа аеродромот „Аерофлот“ во Москва, откажани 60 летови

од nenad
1 минути читај за

Денес, десетици авионски линии беа суспендирани во Москва, поради наводен сајбер напад од проукраински хакерски групи.

Руската државна авиокомпанија, „Аерофлот“, првично соопшти за приближно 60 откажани летови на аеродромот „Шереметјево“, објаснувајќи го прекинот во нивните ИТ системи како причина. Експертите на компанијата работат на повторно воспоставување на операциите на серверите, со цел да се продолжат планираните летови, информираше агенцијата.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги окарактеризира извештаите како вознемирувачки. „Заканата од хакери е опасност со која се соочуваат сите големи компании што служат на јавноста“, рече тој.

Проукраинските хакери од групите „Silent Crow“ и „Cyber Partisans“ ја презедоа одговорноста за нападот, наведувајќи дека нивната операција против „Аерофлот“ била во подготовка една година.

Канцеларијата на рускиот генерален обвинител отвори кривична истрага за нелегалниот упад во компјутерските системи. Украинските медиуми, исто така, цитираа изјави од хакерите, кои ја презедоа одговорноста за „стратешки удар“ против најголемата руска авиокомпанија.

Тие изјавија дека ја презеле контролата врз целата ИТ инфраструктура и уништиле 7,000 сервери. Хакерите тврдеа дека собрале 12 терабајти податоци. Тие, исто така, испратија порака до Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) и други агенции за кибер безбедност во Москва, наведувајќи дека не се способни да ја заштитат критичната ИТ инфраструктура.

Патниците кои се надеваа дека ќе отпатуваат на одмор беа заробени на аеродромот Шереметјево и беа замолени да ги следат објавите на таблите за информации. Стотици беа принудени да го подигнат својот багаж и да го напуштат аеродромот. Засегнати беа и домашните и меѓународните летови.
мс/фото: ЕПА .

Извор: МИА