Почетна ЕкономијаGoogle инвестира 37 милиони долари во вештачка интелигенција во Африка

Google инвестира 37 милиони долари во вештачка интелигенција во Африка

од nenad
1 минути читај за

Вчера, интернет пребарувачот Гугл ја објави својата програма, вредна 37 милиони долари, наменета за поттикнување на прогресот на вештачката интелигенција (ВИ) во Африка. Инвестициите ќе бидат насочени кон различни области, од локални истражувања, преку проекти за мониторинг на земјоделските култури, до адаптирање на технологиите на африканските јазици.

На презентацијата на заедничкиот центар за ВИ во Акра, главниот град на Гана, потпретседателот на Гугл, Џејмс Мањика, изјави: „Африка е дом на некои од најважните и најинспиративни работи во областа на вештачката интелигенција денес“. Центарот ќе функционира како јадро за едукација, соработка и експериментирање.

Меѓу клучните иницијативи кои беа прикажани е и соработката за безбедност на храна во доменот на ВИ. Оваа мрежа ќе ги здружи истражувачите и непрофитните организации со цел да развијат алатки кои ќе го подобрат раното откривање на глад, отпорноста на земјоделските култури и процесот на донесување одлуки кај малите земјоделци. Главната цел е да им се овозможи на африканските прехранбени системи подобро да се справат со климатските и економските предизвици.

Покрај тоа, компанијата планира да пушти во употреба платформа за финансиска поддршка на стартапите кои се фокусираат на ВИ во земјоделството, здравството и образованието. Преку својата филантропска гранка, групацијата се обврзува да инвестира седум милиони долари за проширување на образовните иницијативи за вештачка интелигенција во Нигерија, Кенија, Јужна Африка и Гана.

Гугл исто така објави финансирање во висина од три милиони долари за колективот „Масахане“, кој работи на развој на алатки за вештачка интелигенција на повеќе од 40 африкански јазици.
јт/Фото: МИА архива.

Извор: МИА