Руската политика треба да се фокусира кон максимално оддалечување од Европската Унија, изјави заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, коментирајќи го донесувањето на 18-тиот пакет санкции од страна на ЕУ против Русија.
Медведев на својот Телеграм канал напиша: „Треба да инсистираме на максимално дистанцирање од Европската Унија и најконтроверзните земји од ЕУ“.
Тој додаде дека на овие држави сега може да им се придружат не само Полска и Велика Британија, туку и Германија и Франција, „чии лидери ги прогонува славата на Третиот рајх и режимот на Виши“, и е непознато како тоа ќе заврши за Европа.
Според него, Русија мора да се сеќава на „одвратната русофобија на европските политичари што е можно подолго, како и да научи да ги мрази, бидејќи руската економија ќе издржи, а нападите врз режимот во Киев ќе продолжат“.
„Мораме да се сеќаваме на нивната подла русофобија што е можно подолго и да научиме да ги мразиме во иста мера како што ги мразеле нашите предци. Омразата е најважното оружје што овозможува најефикасно движење кон нејзината спротивност – љубовта. Секако, кога станува збор за оние кои ја заслужуваат”, додаде Медведев.
Медведев исто така нагласи дека Русија ќе изведува напади врз објекти на територијата на Украина, вклучувајќи го и Киев, со уште поголем интензитет.
„Нападите врз објекти на таканаречената Украина, вклучувајќи го и Киев, ќе бидат извршени со уште поголем интензитет“, заклучи Медведев, потенцирајќи дека усвојувањето на 18-от пакет санкции на ЕУ нема да има влијание врз падот на режимот во Киев.
мс/фото: ЕПА .