Претседателот на САД, Доналд Трамп, издаде наредба за разместување на 2.000 војници од Националната гарда во Лос Анџелес и Калифорнија поради жестоките пресметки меѓу демонстрантите и службениците за имиграција.
Овие конфликти се случија по демонстрациите против масовните приведувања на нелегални мигранти.
„Претседателот потпиша меморандум кој ја гарантира безбедноста од анархијата, што другите дозволија да се прошири“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.
Според податоците од Министерството за домашна безбедност, во петокот, околу 1.000 демонстранти нападнале службеници од имиграциските служби. Неколку лица беа приведени под сомневање за напад врз федерални службеници.
Во објава од Белата куќа се потенцира дека активностите на имиграциските служби се „клучни за запирање на инвазијата од криминалци без документи“. „Неспособните демократски лидери во Калифорнија се откажаа од одговорноста да ги заштитат своите граѓани“, се додава во соопштението.
Министерот за одбрана, Пит Хегсет, објави дека војската е спремна да испрати маринци од базата „Кемп Пенделтон“ во случај натамошно ескалирање на насилството.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, кој честопати е цел на критики од Трамп, смета дека распоредувањето на војската претставува „долевање масло на оган“.
Во Парамаунт, населба со претежно шпанско население, повторно дојде до судир меѓу демонстрантите и службениците. Неколкумина беа уапсени, а беше запалено американското знаме. Демонстрантите нападнале полициски возила и фрлале предмети, додека властите употребиле солзавец и шок-бомби. ссм/фото: ЕПА.