Британската влада планира да вложи една милијарда фунти во компјутерска инфраструктура, со цел да го стимулира напредокот на вештачката интелигенција (ВИ) и да ги зголеми државните компјутерски капацитети за 20 пати до крајот на оваа деценија.
Премиерот Кир Стармер го објави овој финансиски пакет на Лондонската недела на технологијата минатиот месец, заедно со главниот извршен директор на Nvidia, Џенсен Хуанг.
Шефот на американскиот производител на чипови тогаш изјави дека Обединетото Кралство мора да ја прошири својата компјутерска инфраструктура за целосно да го реализира потенцијалот на својата водечка истражувачка база за вештачка интелигенција.
Владата во Лондон вчера објави дека ќе ги интегрира најмоќните суперкомпјутери во земјата, Isambard-AI во Бристол и Dawn во Кембриџ, во системот AI Research Resource (AIRR), во соработка со партнери, вклучувајќи ги Nvidia, HPE, Dell Technologies и Intel.
Исто така, беше најавено воспоставување на мрежа од национални суперкомпјутерски центри, а првото седиште се очекува да биде во Единбург.
“Велика Британија има врвни експерти на полето на вештачката интелигенција и планот е да им ги обезбедиме на нашите брилијантни истражувачи, научници и инженери потребните алатки”, рече министерот за наука и технологија Питер Кајл.
Истражувачите на лондонскиот универзитет веќе користат суперкомпјутер за развивање алатки за вештачка интелигенција кои би можеле да направат револуција во раното откривање на ракот во здравствениот систем, соопшти владата.
Во моментов развиваат скалабилен ВИ модел за креирање слики во медицинската дијагностика, користејќи го ракот на простата како почетен предмет на проучување.
Со помош на вештачка интелигенција ги анализираат МРИ снимките и се обидуваат да идентификуваат пациенти на кои им е потребен третман во краток рок, се наведува во владиниот извештај.
САД, Кина и Индија моментално се лидери во употребата на вештачката интелигенција.
јт/Фото: МИА архива.
Извор: МИА