Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера соопшти дека Брисел ќе го продолжи одложувањето на реципрочните мерки поради американските давачки на челик и алуминиум до почетокот на август.
Во меѓувреме, Унијата се стреми да постигне спогодба со САД, со цел да ги избегне царините од 30 проценти на Трамп за сите нивни производи. “САД ни испратија писмо со мерки што ќе стапат во сила доколку не се постигне решение, и поради ова ние ќе ја продолжиме суспензијата на нашите контрамерки до почетокот на август”, изјави Фон дер Лајен.
Прекинот на казнените мерки кон американските давачки за челик и алуминиум требаше да заврши на полноќ помеѓу понеделник и вторник.
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, изјави вчера дека Унијата располага со “алатки” за да се одбрани од американските царини, конкретно наведувајќи ги услугите што САД ги извезуваат кај Европејците. “ЕУ отсекогаш барала решение преку договор. Но, доколку е потребно, има и алатки да ги брани своите интереси”, рече Калас во интервју за “Трибјун Диманш”, давајќи исказ што е во склад со тоа што шефицата на Европската комисија го изјави претходниот ден.
Набргу по вчерашната објава на американскиот претседател Доналд Трамп дека од 1 август ќе воведе давачки од 30 проценти за производите од Европската унија и Мексико кои се увезуваат во САД, претседателката на Европската комисија ја критикуваше одлуката, но исто така изјави дека Европската унија е подготвена “да продолжи да работи кон трговски договор” со Вашингтон до 1 август. Фон дер Лајен, исто така, потсети дека Унијата е подготвена да ги преземе сите неопходни чекори за да ги заштити своите интереси, вклучително и воведување на пропорционални реципрочни мерки доколку се покаже дека е тоа потребно.
Калас изјави дека Европа има солидна позиција во преговорите во секторот на услуги. Новите најави на Трамп за царини, во текот на разговорите со Брисел, предизвикаа силни реакции во Европа, каде што можат да бидат погодени значајни економски гранки, како што се автомобилската индустрија, лековите, авионите или виното.
Трамп ги оправда овие мерки со големиот трговски суфицит на ЕУ со САД, кој достигна 50 милијарди евра во 2024 година, покажуваат податоците од Советот на ЕУ. Сепак, ако се земат предвид само услугите, тој тренд е спротивен, ЕУ има трговски дефицит од 150 милијарди евра. Особено голем удел имаат технолошките компании преку плаќање на дигитални услуги и употреба на американски софтвер. Каја Калас верува дека ЕУ има простор за маневрирање во тој сектор за да одговори на американската царинска офанзива. сд/ . Извор: МИА