Во Струга, Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување вчера ја претставија пред јавноста Оперативната програма за вработување за 2025 година. Според информациите од Министерството, настанот предизвикал значаен интерес меѓу жителите, деловните субјекти и локалните власти, со посебен акцент на мерките кои директно ја зголемуваат вработеноста и ја поттикнуваат економијата.
На презентацијата присуствуваше и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кој, како што соопштија, изјави дека Владата инвестира во граѓаните – нивните идеи, способности и стремежи. „Не нудиме празни ветувања, туку конкретни мерки, средства и поддршка. Оперативниот план е алатка за секој кој сака да започне, да се дообучи или да се вработи. Целта е јасна – да создадеме можности тука, дома“, нагласи министерот Дурмиши.
Планот за 2025 година вклучува инвестиција од 40 милиони евра, наменета за повеќе од 10.000 граѓани, а досегашниот интерес покажува дека мерките веќе го даваат очекуваниот ефект. Програмата за практикантство овозможува вклучување на 1.352 млади луѓе до 29 години, од кои 40 преку онлајн практикантство. Секој учесник ќе добива месечен надоместок од 12.000 денари во времетраење од три месеци.
Субвенционираното вработување за микро, мали и средни компании веќе има над 2.000 апликации – доказ за големиот интерес на приватниот сектор да учествува во креирање на нови работни места. Финансиската поддршка за почнување сопствен бизнис е успешно затворена со над 6.000 апликации, а во моментов се врши селекција на корисниците. Мерка 3.1 – Обука кај познат работодавач останува една од најефикасните средства за вработување, директно поврзувајќи ги граѓаните со компаниите кои бараат кадар.
„Овие бројки не се само статистика – зад секоја апликација стои приказна, надеж и одлука да се направи чекор напред. Нашата задача е да ја поддржиме таа одлука со реални алатки“, додаде министерот Дурмиши.
Настанот во Струга е дел од поширока теренска кампања, преку која Министерството и Агенцијата за вработување ги презентираат мерките директно пред граѓаните. Министерството за економија и труд најавува презентации во Гостивар, Кичево, Сарај, Липково и други општини со висока стапка на невработеност.
аа/Фото: Министерство за економија и труд. Извор: МИА