Почетна ЕкономијаАмнести интернешнл: Израел ја користи хуманитарната помош за милитаризација и геноцид

Амнести интернешнл: Израел ја користи хуманитарната помош за милитаризација и геноцид

од nenad
3 минути читај за

Меѓународната организација за човекови права Амнести интернешнал денес тврди дека контроверзната Хуманитарна фондација за Газа (GHF), која добива поддршка од Израел и САД, користи тактики на гладување на жителите во Појасот Газа како средство за продолжување на геноцидот врз Палестинците.

Во нов извештај, Амнести тврди дека Израел, преку милитаризирани пунктови на GHF, ја трансформирал хуманитарната помош во „замка за очајните и изгладнети Палестинци“, поставена блиску до израелски воени позиции. Според очевидци, израелските сили пукале кон цивили во близина на пунктовите.

Министерството за здравство во Газа извести дека повеќе од 500 Палестинци биле убиени минатиот месец близу до дистрибутивните центри на GHF. “Секојдневните загуби на очајни Палестинци кои се обидуваат да добијат храна се последица на намерно таргетирање од израелските сили и претставуваат предвидлив резултат на неетичките и опасни методи на дистрибуција”, изјави генералната секретарка на Амнести, Ањес Каламар.

Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Сар, го критикуваше извештајот, оценувајќи дека Амнести „се ставила во служба на Хамас и ги прифатила неговите пропагандни лаги“. Израелската армија објави дека користи само предупредувачки истрели за контрола на толпата, а дека огнено дејствува само кон „сомнителни лица“.

Израелското Министерство за надворешни работи и координативното тело COGAT соопштија дека од 19 мај наваму, во Газа влегле повеќе од 3,000 камиони со помош, а GHF дистрибуирал доволно храна за 56 милиони оброци. Меѓутоа, хуманитарните организации предупредуваат дека оваа количина е далеку од доволна за да ги задоволи потребите на населението во Газа.

Светската програма за храна (WFP) објави дека потрошувачката на храна во јуни достигнала критично ниско ниво, а разновидноста на исхраната е најлоша од почетокот на конфликтот. “Континуираното затворање на премините, зголеменото насилство од март, огромниот раст на цените на храната и ограничениот пристап до хуманитарни и комерцијални резерви сериозно го отежнаа пристапот до основни прехранбени производи”, се наведува во извештајот на WFP.

Повеќе од 165 меѓународни добротворни и невладини организации оваа седмица побараа укинување на GHF, тврдејќи дека преку неа Израел ја користи храната како оружје и ги прекршува хуманитарните принципи. GHF, која е предводена од евангелистички свештеник близок до американскиот претседател Доналд Трамп, доби 30 милиони долари од американската влада минатиот месец – прва позната донација од САД. Останатите извори на финансирање не се јасни.

GHF започна со дистрибуција на помош на 26 мај, по речиси тримесечната израелска блокада, која го доведе населението во Газа – над два милиони луѓе – на работ на глад. Палестински сведоци опишуваат хаос и насилство околу центрите за храна, вклучително и користење на боеви истрели и шок-бомби од страна на обезбедувањето. Многу Палестинци мораат да минуваат долги растојанија за да стигнат до локациите за дистрибуција.

GHF повика на истрага од израелската армија за тврдењата од Министерството за здравство во Газа, но тврди дека немало насилство во или околу нејзините центри и дека нејзиниот персонал не употребил оружје. Израел инсистираше на алтернативен механизам за дистрибуција, обвинувајќи го Хамас дека ја злоупотребува хуманитарната помош. Обединетите нации и други хуманитарни организации негираат дека тоа се случува на значајно ниво.

Амнести и минатата година го обвини Израел за геноцид во Газа, наведувајќи дека тој намерно ги уништува Палестинците преку напади, уништување инфраструктура и блокада на основна помош. Израел ги отфрли обвинувањата како „антисемитски“.

ссм/фото: архива

Извор: МИА