Грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, преку видео објавено на социјалните мрежи се осврна на стапката на невработеност во Грција, која во април изнесуваше 8,3 отсто, што според него е најниско ниво во изминатите 17 години, пренесе дописничката на МИА од Атина.
„Знаете дека невработеноста во нашата земја денес е пониска од онаа во Шведска, Финска и Шпанија?“, вели Мицотакис на почетокот на видеото. Тој потенцираше дека невработеноста во април е за 2,5 отсто помала во споредба со истиот месец претходната година. „Ова е најниската стапка на невработеност во последните 17 години во нашата земја.“
Воедно, Мицотакис објасни дека невработеноста кај младите се намалила на 20,4 отсто од претходните 24 проценти. „Повторно е висока, но има значително намалување“. Невработеноста кај жените, пак, се намалила на 10,8 отсто од 13,6 проценти пред една година.
Тој додаде дека владата ќе продолжи со својата политика, истакнувајќи дека „ова намалување не се случи само по себе“. „Беше направено со план, со помалку даноци и главно со повеќе инвестиции, кои создаваат многу нови работни места. Но, исто така и со државата која не претставува пречка за претприемништвото.“
„Невработеноста се намалува. Земјата оди напред. Продолжуваме!“, заклучи Мицотакис во видеото на социјалните мрежи.
ср/сд/Фото: Принтскрин
Извор: МИА