Почетна ЕкономијаНиколоски: Британски фирми и експерти ќе поддржат проекти во Македонија

Николоски: Британски фирми и експерти ќе поддржат проекти во Македонија

од nenad
2 минути читај за

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во интервју за МРТ, истакна дека остварувањето на проектите ќе биде поткрепено од водечки експерти од Обединетото Кралство. Нивната задача ќе биде да обезбедат висококвалитетна и навремена имплементација на проектите, а истовремено да го подобрат нивото на градежните компании во Македонија и да внесат нови сознанија и искуства во државата.

Тој најави дека во врска со изградбата на брзата железница, ќе биде обезбедена техничка асистенција од компанија од Велика Британија, која го има изградено најсофистицираното дигитализирано метро во Лондон.

“При секоја посета на Лондон многу разговарам во делот на техничката поддршка, тоа е нешто што е многу значајно, нешто што значи искуство и знаење и за мене тоа е еднакво важно како и финансиската компонента.”

Во поглед на железницата, се разговара за добивање на техничка поддршка од најсилната компанија во Велика Британија, станува збор за „Crossrail”.

“Тоа е компанијата која ја изгради најновата и најдолгата линија во Лондон, првата дигитализирана метро линија во овој дел од светот, тоа е метролинијата „Елизабет” која е крстена по Кралицата Елизабета. Така што зборуваме за тој вид на експрети и зборуваме за проект од 20 милијарди фунти, значи само овој проект е четири пати поскап од тоа што ние имаме како аранжман. Со тој профил на луѓе преговараме да дојдат да ни помогнат затоа што таквата помош е двонасочна. Едно е краткорочна, бидејќи имате сигурна и квалитетна реализација на проектот, а второ обучувате кадри за во иднина”, рече Николоски.

Според него, на Македонија и недостасуваат добро едуцирани кадри со искуство.

“За жал заради годините на девастација би рекол и во децениите, во Македонија градежниот сектор скоро и да колабираше, голем број на фирми банкротираат и јас се надевам дека со ова ќе ги внесеме во фаза каде повторно ќе бидат меѓународно конкурентни какви што беа во едни претходни времиња и затоа овој аспект за пренесување на знаења е многу значаен”, истакна вицепремиерот Николоски.