Table of Contents
Длабоко вкоренетата традиција позната како „privilege du blanc“ е привилегија на носење бела боја пред папата, која им е дозволена само на одредени католички кралици и принцези, а овие 4 дами се некои од нив
Вчера се одржа свечената инаугурација на папата Лав Четиринаесетти, на плоштадот Свети Петар во Ватикан, а вниманието на јавноста ѝ го привлекле четири дами од кралските семејства, кои се појавиле во бели тоалети.
Оваа појава не е само моден избор, туку длабоко вкоренета традиција, позната како privilege du blanc – привилегија на носење бела боја пред папата, која им е дозволена само на одредени католички кралици и принцези.
Традиционално, од жените кои присуствуваат на аудиенцијата на папата се очекува да носат долг, црн фустан со долги ракави, висок околувратник и црн мантил (превез од тантела), симболизирајќи скромност и почит. Меѓутоа, privilege du blanc е исклучок кој им дозволува на одредени католички кралски дами да носат бело во присуство на папата. Оваа привилегија моментално ја уживаат само седум жени во светот: кралицата Летиција од Шпанија, кралицата Матилда од Белгија, големата војвотка Марија Тереза од Луксембург, принцезата Шарлин од Монако, кралицата Софија од Шпанија, кралицата Паола од Белгија и принцезата Марина од Неапол.
Кралицата Летиција од Шпанија
Кралицата Летиција одбрала елегантен бел фустан со долги ракави и превез од тантела, кој последен пат го носела на својата венчавка во 2004 година. Фустанот бил со миди-должина, благо струкиран, нагласувајќи ја нејзината става, додека превезот од тантела дополнително придонел за целосниот впечаток.
Кралицата Матилда од Белгија
Кралицата Матилда се одлучила за пораскошна комбинација, која вклучувала плисирано здолниште и сако, со високи потпетици и многу накит. Иако белата е дозволена, непишаното правило налага минимализам, па некои модни критичари сметале дека нејзиниот избор бил премногу впечатлив за оваа пригода.
Поврзани објави
Големата војвотка Марија Тереза од Луксембург
Големата војвотка Марија Тереза носела долг, бел фустан со проѕирни детали, што му дало поопуштен тон на нејзиниот изглед. Иако фустанот бил елегантен, некои сметале дека можеби е премногу лежерен за свеченост од ваков ранг.
Принцезата Шарлин од Монако
Принцезата Шарлин одбрала миди-фустан со долги ракави со префинети детали, со краток превез и бели салонки. Нејзиниот изглед бил во согласност со протоколот, елегантен и суптилен.
ФОТО: Јутјуб, Инстаграм