Почетна ЕкономијаВицегувернерката Митреска: Дигитална трансформација и иновации за поголема продуктивност на малите и средни претпријатија

Вицегувернерката Митреска: Дигитална трансформација и иновации за поголема продуктивност на малите и средни претпријатија

од nenad
2 минути читај за

Според извештаите на меѓународната организација ОЕЦД, нашата држава покажува најголем напредок во делот на услугите за асистенција на малите и средни бизниси.

Нашите вреднувања се над просекот на државите од Западен Балкан во доменот на финансии, иновациска политика и интернационализација, но сеуште постои можност за поголем развој на претприемничкото учење и женското претприемништво, како и деловните способности.

Ова го истакна вицегувернерката Ана Митреска при своето излагање на четвртиот регионален „Марили Бизнис Форум“.

„И покрај големата улога на малите и средни претпријатија во создавањето на додадената вредност и вработеноста, нивната продуктивност на трудот кај нас е за 3,5 пати пониска во споредба со просекот во Европската Унија.”

Сепак, се констатира одредена конвергенција, имајќи предвид дека растот кај нас е 20 проценти, споредено со 2 проценти во ЕУ.

Дигиталната трансформација и иновациите се шанса за поголем пораст на продуктивноста, подвлече вицегувернерката Митреска, укажувајќи на податоци кои демонстрираат дека дури 60 проценти од компаниите кај нас во овој пазарен сегмент имаат многу низок индекс на дигитална интензивност, за разлика од само 30 проценти во ЕУ.

Таа се наврати и на главните проблеми со кои се соочуваат малите и средни фирми, при што потенцираше дека одредени анкетни испитувања, и за нас и за ЕУ, покажуваат дека клучни ограничувачки фактори за поголем развој се достапноста на квалификувана работна сила, пронаоѓањето потрошувачи и трошоците за производство. Пристапот до финансии како предизвик е наведен само од мал дел, односно од 8 проценти од малите и средни компании.

Во своето обраќање, вицегувернерката ги презентираше и активностите на Народната банка, преку кои индиректно се овозможува поголема асистенција на овој корпоративен сектор, како што се Стратегијата за финансиска едукација и инклузија, проектот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во државава, кој е фокусиран на поддршка на женското претприемаштво и финансиската вклученост на жените претприемачи, поддршката на зеленото кредитирање, како и членството во СЕПА кое ќе донесе побрзи и поефикасни платежни услуги, намалени трошоци за прекугранични плаќања и полесно вклучување во прекугранична трговија.

лв/фото: Народна банка .
Извор: МИА