Почетна ЕкономијаМицкоски: Инвестиции од 6 милијарди евра, темел врз стратегиското партнерство со Велика Британија

Мицкоски: Инвестиции од 6 милијарди евра, темел врз стратегиското партнерство со Велика Британија

од nenad
4 минути читај за

Премиерот Христијан Мицкоски денес истакна дека спогодбата за стратешко партнерство со Обединетото кралство ќе овозможи најинтензивна економска соработка досега меѓу двете влади и претставува втор столб на нашата меѓународна позиција, по стратешкото партнерство со САД. Тој додаде дека ова е потврда оти нашата држава напредува кон стабилност, сигурност, развој и европска иднина.

Мицкоски посочи дека “Договорот за стратешко партнерство со Обединетото кралство ќе биде основата и фундаментот на инвестициски циклус кој ќе има вкупна рамка од пет милијарди фунти односно шест милијарди евра.”

Тој појасни дека дел од средствата ќе бидат наменети за инвестирање во инфраструктура, изградба на современа карго и брза патничка железница од Табановце до Гевгелија, инвестиции во здравството и нови болници, завршување на проектот на Клиничката болница во Штип, заедно со зградата на новиот Медицински факултет, студентски дом со капацитет од 900 легла, изградба на болницата во Кичево, заедно со здравствен дом, реконструкција на Клинилката болница во Тетово.

Премиерот најави дека во следните денови ќе бидат потпишани договори и за овие инвестиции, на заедничката прес-конференција со британскиот амбасадор Метју Лосон во Владата.

Мицкоски подвлече дека двете земји ги обединуваат заеднички вредности кон кои се стремат, како слобода, демократија и владеење на правото. Тој потенцираше дека ова партнерство е повеќе од билатерален аранжман и претставува “архитектура за иднината.”

Тој додаде дека покрај економската соработка, вклучувајќи ги капиталните инвестиции во инфраструктурата, здравството и енергетиката, партнерството ќе придонесе за модернизација на вооружените сили и подлабока интеграција во НАТО стандардите, зголемување на безбедноста на границите и спротивставување на трговијата со луѓе и шверцот.

Мицкоски исто така рече дека ќе се засили соработката во образованието, дигиталната трансформација и иновациите, како и поврзувањето на младите креативни генерации преку културата, науката и новите технологии.

“Обединетото Кралство беше со нас уште во најраните и најтешките денови на нашата независност. Беше меѓу првите држави што нè препознаа, ни подадоа рака и инвестираа во нашата стабилност и институционален развој. Градејќи ја нашата демократија, ја имавме нивната целосна поддршка. И овие денови, ова силно партнерство е логично продолжение на тоа заедништво, засновано на доверба, почит и заедничка визија”, изјави Мицкоски, оценувајќи дека со оваа декларација се отвора ново поглавје во односите меѓу двете држави.

Амбасадорот Лосон оцени дека договорот е клучен момент во билатералната врска меѓу двете земји, изградена на заеднички вредности, заедничко членство во НАТО и многу богата трговска врска.

“Ние сме големи инвеститори и британската Влада реши да го надградува тоа преку договор меѓу двете влади кој се фокусира на трговија и инвестиции за да се креира поголем раст и стотици милиони фунти од кои граѓаните на оваа земја ќе имаат корист заедно со граѓаните на нашата земја, рече Лосон. Ова не е партнерство само на хартија туку партнерство на споделени вредности и посветеност”, додаде тој.

Лосон исто така истакна: “Како дел од тоа преку билатераното партнерство, ќе ја продлабочиме и понатаму нашата врска преку одбранбената соработка, образование, справување со организираниот криминал како и криумчарење на мигранти во овој регион, во Обединетото кралство и во други земји”, порачувајќи дека договорот за стратешко партнерство ќе биде потпишан наредната недела во Лондон.

Во врска со условите за најавените инвестиции од договорот, премиерот Мицкоски рече дека се работи на деталите кои се “најдобрите што некој може да ги има на пазарот”.

“Ги знам отприлика бидејќи веќе се преговара со месеци и можам да кажам дека се најдобрите што може да ги има на пазарот, но тоа се уште не е финиширано, не е конечно иако сме блоску до конечно решение. Многу скоро од денеска и тоа ќе биде објавено, репер ние Еурориборт,  и два фиксни параметри, грејс период и долг период на отплата”, појасни Мицкоски.

Мицкоски и британскиот премиер Кир Стармер вчера на средба во Тирана, која се одржа во рамките на Самитот на Европската политичка заедница, се согласија дека договорот за стратешко партнерство ќе резултира со уште посилна соработка, поцврсти односи и можност за продлабочување на врските.

Спогодбата е резултат на повеќемесечни темелни преговори меѓу дипломатски и експертски тимови од двете страни. Се смета за историски и се очекува да отвори нови перспективи за соработка во клучни области како безбедноста, економијата, инвестициите, образованието, дигиталната трансформација и климатските промени.

Со потпишувањето на договорот, Македонија треба да добие пристап до британска експертиза, финансиска поддршка за реформи и можности за британски инвестиции во стратешки сектори како енергетиката, инфраструктурата и иновациите. Покрај тоа, соработката ќе вклучува и засилен политички дијалог, како и координација во рамки на меѓународните институции и глобалните безбедносни предизвици.