Почетна ЕкономијаРемзи Бајрами нов претседател на Советот на експерти на МАПАС

Ремзи Бајрами нов претседател на Советот на експерти на МАПАС

од nenad
2 минути читај за

Собранието, во рамки на денешната седница, со 60 гласа “за” и 21 “против”, го назначи Ремзи Бајрами за претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС).

Тој доаѓа на позицијата на Максуд Али, кој беше сменет со 58 гласа “за” и 18 “против”.

Пратеничката Јованка Тренчевска од СДСМ во своето излагање рече дека иднината на 600 илјади лица кои во иднина треба да примаат пензија треба да се довери на Ремзи Бајрами, кој не ги исполнува потребните критериуми. “Некој без експертиза и без знаење треба да одлучува за нивната судбина”, рече таа.

Тренчевска додаде дека за член на Советот може да биде избран кандидат кој е компетентен во областа на пензиското осигурување со работно искуство од минимум пет години во областа на пензиското осигурување или во сферата на финансиите. “Кандидатот кој се предлага дипломирал во септември 2021 година и не го исполнува основниот услов за пет години работно искуство”, изјави Тренчевска.

Во одговор, пратеникот Аднан Азизи од ВРЕДИ тврдеше дека говорот на Тренчевска е политички мотивиран и дека не содржи валидни аргументи, истакнувајќи дека Бајрами ги поминал сите проверки во Владата и ги исполнува сите законски услови, што е видливо од неговото ЦВ.

Јован Митрески од СДСМ нагласи дека предлогот еднаш бил повлечен, а сега повторно се става на дневен ред иако предложениот кандидат не ги исполнува условите. “Според закон треба да исполнува минимум пет години искуство во областа, а според дипломата што ја приложил во ЦВ-то, дипломирал во 2021 година со многу низок просек од 6,44, односно со 26 шестки од вкупно 31 предмет. Доставил и документ дека пред да дипломира вршел финансиски и сметководствени работи во приватна фирма Тајгер Шоп и Блек Тајгер Шоп, односно онлајн продавница. Сега ќе треба да се грижи за идните пензии”, рече Митрески. Тој предложи да му се најде позиција што му одговара, наместо да биде назначен на оваа важна функција.

Азизи во реплика објасни дека Бајрами има завршено два факултета, од кои првиот во 2009 година. Тој подвлече дека Бајрами ќе раководи многу подобро од претходниот претседател, Максуд Али.

вј/аа/Фото: Принтскрин.